Çiğdem Alyanak,Sefa Mutlu
15 Април 2017•Ажурирај: 15 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денес во Истанбул изјави дека опозициските партии кои се противат на уставните промени во Турција всушност не се свесни на што велат 'не', и мислат дека политиката значи константно да се биде против, без изнесување на било какви предлози, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати на насобраните граѓани во делот на Истанбул по име Тузла, а во таа прилика се осврна и на утрешниот референдум за уставни промени во неговата земја.
Турскиот претседател истакна дека народот на неговата земја утревечер ќе го доживее својот празник.
„Некои велат дека се на исто место и оние кои велат 'не' и оние кои велат 'да'. Јас го почитувам тој што ќе каже 'не', бидејќи тоа е демократија. Но не можам да ги ставам на исто место со оние кои ќе кажат 'да'. Бидејќи, зошто тогаш толкава борба?” , порача Ердоган.
Тој додаде дека уставните промени предлагаат еден систем на водење на државата, кој е важен за народот, но и за децата на овој народ.
Тој изјави дека оние кои се противат на уставните промени, немаат никаков свој предлог, односно само зборуваат „нека не биде, нека не се менува”.
„Тие мислат дека политика е да се противиш на се, па велат 'не' како и во овој случај. Со оглед на тоа дека не се свесни на што велат 'не', константно изнесуваат глупости”, изјави Ердоган.
Во врска со наводите за воведување на смртна казна во Турција, Ердоган изјави: „Мојот став во врска со смртната казна е познат. Одлуката која ќе ја донесеме утре, истовремено ќе го отвори и патот и кон тоа”.