АНКАРА / МОСКВА (АА) - Заштитата на политичкото единство и територијалниот интегритет во соседна Сирија претставува приоритет, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одржувањето на политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија, воспоставувањето мир на теренот и трајно решение за конфликтот се наш приоритет“, нагласи Ердоган на самитот на лидерите на Турција, Русија и Иран во рамките на процесот Астана преку видеоконференциски линк.
„Трилатералниот самит во форматот Астана што го инициравме во ноември 2017 година даде клучен придонес за воспоставувањето мир, безбедност и стабилност во Сирија“, рече Ердоган, додавајќи дека денешната средба е шеста по ред според овој формат.
„Турција стои покрај нашите сириски браќа и сестри уште од почетокот на конфликтот“, рече тој и потсети дека земјата им укажа добредојде на милиони Сиријци без дискриминација од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.
Турција е домаќин на околу 4 милиони сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот.
Ердоган додаде дека Турција, исто така, влезе во Сирија со своите трупите за да ги спречи хуманитарните кризи и да ги осуети сепаратистите, реферирајќи на трите турски операции кои земјата ги започна во 2016 година за борба против терористите и осигурување безбедност во северна Сирија, јужно од турската граница со Сирија.
„Ние ќе продолжиме да правиме сè што можеме за да обезбедиме мир, безбедност и стабилност кај нашиот сосед Сирија“, рече тој.
„Соработката што ќе ја покажеме како гаранти од процесот Астана, без сомнение, ќе ја одреди иднината на оваа земја“, нагласи Ердоган.
На трилатералната средба присуствуваа иранскиот претседател Хасан Рохани и рускиот претседател Владимир Путин.
Од турска страна, на состанокот присуствуваа и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и министерот за национална одбрана Хулуси Акар.
- Иран верува во политичко решение на сириската криза -
Иранскиот претседател Хасан Рохани го критикуваше Актот за заштита на цивилите во Сирија „Цезар“, потпишан од американскиот претседател Доналд Трамп во декември против сирискиот режим, нарекувајќи го „економски тероризам“.
Актот има за цел да воведе финансиски и санкции за патување за оние кои се одговорни за убиствата на цивили, и да ги отфрли финансиските ресурси на режимот на Асад.
Рохани нагласи дека Техеран ќе продолжи да го поддржува режимот на Асад во Сирија.
Истакнувајќи дека само процесот Астана придонесува за мирно решавање на сириската криза, нагласи дека се постигнати многу придобивки за време на овие трилатерални разговори.
„Поминаа девет години од почетокот на сириската криза. Иран верува во политичко решение. Нема да има воено решение за оваа криза“, истакна Рохани.
- Русија -
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи со својот ирански колега за важноста на заедничките напори во Сирија, нагласувајќи дека трите земји успеале да направат многу заедно.
„Нивото на насилствата во Сирија е значително намалено, постепено се обновува мирниот живот и што е најважно, се создадоа предуслови за одржливо политичко и дипломатско решение засновано врз резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН). Како што знаете, овој документ поставува фундаментален принцип - посветеност кон суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Сирија“, рече Путин.
Тој потребата од анализирање на сегашната состојба на работите во Сирија ја истакна како една од главните цели на видеоконференцијата.
„Една од главните цели на денешната видеоконференција е заедничкото анализирање на актуелната состојба во оваа земја. Да се согласиме во однос на тоа кои идни чекори може да се преземат за да се обезбеди долгорочно нормализирање на состојбата во Сириската Арапска Република.“
„Пред сè, зборуваме за продолжување на борбата против меѓународниот тероризам. И треба да размислуваме во правец какви други мерки се потребни за неутрализирање на сè уште активните терористички групи“, рече Путин.
Тој издвои две жаришта во Сирија каде што тензиите се најакутни - Идлиб и подрачјето источно од реката Еуфрат.
„Во врска со Идлиб, ние продолжуваме тесно да соработуваме со нашите турски пријатели со цел да ги имплементираме договорите од Меморандумот во Сочи од 17 септември 2018 година и неговиот додатен протокол од 5 март годинава. Секако, сè уште не се решени сите задачи, не е сè направено, но досега реализираното сепак дава резултати. На пример, со воведувањето на прекинот на огнот, состојбата во деескалационата зона е значително стабилизирана“, додаде Путин.
Рускиот претседател побара да се промовира внатресирискиот политички дијалог според платформата на Канцеларијата на ОН во Женева, и предложи чекори за решавање на поствоената состојба во Сирија, за обновување на економијата и социјалната сфера, и за враќање на бегалците и внатрешнораселените лица.
„Во контекст на ширењето на коронавирусот, координацијата на нашите напори на хуманитарно ниво станува уште поитна“, додаде Путин.
Тој рече дека санкциите на САД против Сирија се нелегални, и дека тие уште повеќе ја влошуваат ситуацијата во оваа, со војна разорена земја.
„Според Светската програма за храна, на повеќе од 9 милиони Сиријци, или на половина од населението, им е потребна помош во храна. Можеме да користиме соодветни канали за обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за сирискиот народ“, рече тој.
„Русија има намера да работи конзистентно, заедно со Турција и Иран, за воспоставување траен мир и стабилност во Сирија“, рече Путин, потврдувајќи ја неговата спремност да дојде во Техеран веднаш штом „се воспостават неопходните услови“.