Ali Bayaslan
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека со големо внимание ги следел синоќешните случувања во Македонија, нагласувајќи дека насилството не е решение за ниту еден проблем, јавува Anadolu Agency (AA).
„Случувањата по изборот на претседател на Собранието се загрижувачки. Насилството не е решение за ниту еден проблем. Им посакувам брзо закрепнување на сите кои се повредени или претрпеа друга штета. Од турската заедница очекуваме да го задржи умерениот став. Очекуваме пријателската и братска Македонија колку што е можно побрзо да се врати на својата стабилност и спокој“, изјави претседателот Ердоган.
Ердоган во обраќањето на Самитот на Aтлантскиот совет во Истанбул порача дека на терористичката организација ПКК/ЈПГ не смее да ѝ се дозволи да спроведе етничко чистење во Сирија само поради тоа што се бори против терористите на ДЕАШ.
„Ние ги познаваме ПЈД, ние ги познаваме ЈПГ. Тоа се деца на терористичката организација ПКК. Таа ги подигна. Ние добро знаеме кој е кој во нашиот регион и треба да бидеме консултирани во врска со тоа. Нашите пријатели мораат да ги дознаваат тие информации од нас бидејќи во спротивно, со погрешни информации прават и погрешни потези, нарушувајќи го целиот регион. Уништени се цивилизации, а луѓето се осудени на смрт“, изјави Ердоган.
Ердоган изјави и дека од американскиот претседател Доналд Трамп очекува одлука за фокусот на борбата против тероризмот, за тоа дали фокусот ќе биде само на една терористичка организација, ДЕАШ.
Претседателот на Турција смета дека во борбата против тероризмот мораат да бидат опфатени сите терористички организации бидејќи во спротивно, борбата против ДЕАШ истовремено би овозможила и јакнење на другите терористички групи во Ирак и во Сирија.
„Терористичките организации добиваат помош со оружје, и таа помош ја делат со ДЕАШ, тоа можеме да го докажеме. Токму тоа сакам да му го објаснам на почитуваниот Трамп“, појасни Ердоган.