Hande İlbeyi Canca
13 Јануари 2018•Ажурирај: 14 Јануари 2018
ЕЛАЗИГ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во турскиот град Елазиг ги критикуваше Соединетите Американски Држави (САД) поради испраќањето оружје на терористите во Сирија и порача дека САД не може да испраќа илјадници камиони оружје на терористите и да зборува дека е стратешки партнер со Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во фокусот на обраќањето на Ердоган беше борбата против тероризмот.
„Со операцијата во Идлиб го уништуваме западното крило на овој коридор. Доколку терористите во Африн не сакаат да се предадат, сѐ таму ќе им срушиме на глава, нека се знае“, порача Ердоган.
Тој рече дека неговата земја е решителна во борбата против тероризмот.
„Како што вчера уништивме 3,000 припадници на ДЕАШ на потег од Џарабулус до Ал-Баб, утре тука ако треба ќе уништиме уште толку. Како и да е, ние сме решителни да ја затвориме оваа јама на интриги", порача Ердоган.
Ердоган повторно упати критики на сметка на Соединетите Американски Држави (САД) во врска со оружјето кое оваа држава им го испорача на терористите во регионот, кажувајќи дека еден дел од тоа веќе се продава на црниот пазар.
„Ги повикувам уште еднаш оние сојузници кои ги поддржуваат терористичките организации во Сирија себе си уште еднаш да се преиспитаат", рече Ердоган и додаде:
„Само од почетокот на 2017 година, Турција внимателно тоа го следи, знаете ли колку САД испрати оружје на терористичката организација во Сирија? 4.900 камиони. Ние тоа го знаеме. Вакво сојузништво е невозможно, ваква стратешка солидарност е невозможна. Ќе им дадеш оружје на ПЈД, на ЈПГ, а потоа ќе дојдеш кај нас и ни велиш 'ние сме стратешки партнери', тоа никој нема да ви го поверува."
Ердоган додаде дека веќе никој не верува во приказната на САД дека оружјето кое го испраќа во Сирија им е неопходно на американските војници кои се наоѓаат таму.
Како што рече, со тоа се тврди дека на секој војник му е потребен еден камион оружје.
„Вистината не може да се тргне така што на терористите им се даваат униформи, а на зградата во која се наоѓаат се истакнува знамето на вашата земја. Еден дел од илјадници камиони оружје кој е испорачан во регионот веќе започна да се продава на црниот пазар, еден дел веќе почна да се користи против нас", порача Ердоган.