Zuhal Demirci
13 Јануари 2018•Ажурирај: 13 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за европски интеграции и главниот преговорач Омер Челик изјави дека неговата земја нема да се согласи на било какво повластено партнерство со ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик во програмата на турската телевизија „HaberTurk", се осврна на актуелните случувања, поконкретно на односите меѓу Турција и ЕУ. Челик зборуваше и за дискусиите околу т.н повластено партнерство, за кое повторно започна да се зборува по посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Франција на 1. јануари.
„Доколку ни понудат предлог во контекстот 'повластено партнерство', ние ќе го одбиеме. Никој на Турција не може да и понуди статус од втор ред во односите со ЕУ“, изјави Челик и додаде дека Турција нема да прифати никаква тема за повластено партнерство.
Тој нагласи дека неговата земја не е никаков бегалски камп предвиден само за соработка во областа бегалци или некоја команда за соработка во борбата против тероризмот.
„На Турција треба да гледате како на држава“, додаде Челик.
Тој нагласи дека од перспектива на Турија е срамно било какво предложување на моделот за повластено партнерство.
За изјавата на комесарот на ЕУ за проширување, Јоханес Хан, кој рече дека „односите меѓу Турција и ЕУ треба да се стават во вистински рамки“, Челик рече дека неговите изјави не треба да се сфаќаат сериозно.
„Како и што кажав претходно, нека расчисти дали е комесар на ЕУ за проширување или заменик министер за надворешни работи на Австрија“, порача Челик.
Зборувајќи за ситуацијата откако Велика Британија донесе одлука да отстапи од ЕУ, Челик нагласи дека европските интеграции се сериозно разнишани. Челик смета дека по излезот на Велика Британија, во ЕУ ќе дојде до генетски промени.
Според неговите зборови, бегалската криза ја променила политичката карта во Европа, а ЕУ не успеала да управува со оваа криза.