Muhammed Yasin Güngör,Merve Berker
04 Февруари 2025•Ажурирај: 05 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја нарече посетата на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара на Анкара историски чекор кон почетокот на периодот на „трајно пријателство и соработка“ меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со Ал Шара, Ердоган ја истакна посветеноста на Туркије за територијалниот интегритет и единство на Сирија.
Тој ја повтори непоколебливата поддршка на Туркије за Сирија, истакнувајќи: „Никогаш не ги напуштивме нашите сириски сестри и браќа во нивните најтешки времиња, и ќе продолжиме да ги поддржуваме и во овој нов период“.

Ердоган изрази уверување во способноста на Сирија за сопствена обнова и рече: „Не се сомневаме дека нашите сириски сестри и браќа, кои го инспирираат регионот со својата издржливост, ќе ја обноват својата земја“.
Туркије е подготвена да помогне во обновата на уништените сириски градови, нагласи Ердоган, додавајќи дека верува оти забрзувањето на економското закрепнување ќе го поттикне доброволното враќање на сириските бегалци.
- Зајакнување на билатералните односи -
Двајцата лидери говореа и за заедничките чекори за воспоставување безбедност и економска стабилност.

Турскиот претседател го истакна напредокот во мултидимензионалните односи, вклучително и трговијата, цивилното воздухопловство, енергијата, здравството и образованието.
Тој, исто така, повика на финансиска и морална поддршка од арапскиот и исламскиот свет за новата администрација и народот на Сирија, нарекувајќи ја „клучна“.
- Борбата против тероризмот
-
Ердоган вети поддршка на Туркије во борбата на Сирија против терористичките организации, вклучително и ДЕАШ и ПКК.

„Со дејствување во солидарност со Сирија, верувам дека целосно ќе воспоставиме клима на мир и безбедност во нашиот заеднички регион, ослободен од тероризам“, рече турскиот претседател.
Ал Шара, кој ги предводеше антирежимските групи за соборување на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, беше прогласен за претседател минатата недела.
Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија на 8 декември 2024 година, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.