Hatice Kesgin
29 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
АБИЏАН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја пофали имигрантската политика на Брегот на Слоновата Коска истакнувајќи дека светот може да учи од примерот на оваа западноафриканска држава и нејзиното „разбирање” кон големата имигрантска популација, јавува Anadolu Agency (АА).
„Брегот на Слоновата Коска е безбедно засолниште за овие луѓе”, рече Ердоган во рамките на официјалната посета на Абиџан.
Турскиот претседател порача дека имигрантите, кои сочинуваат над 11 проценти од населението на Брегот на Слоновата Коска, не претставуваат товар и проблем, туку симбол на „разбирањето” во таа земја.
За време на своето обраќање, Ердоган истакна дека тој е првиот турски претседател кој допатувал во посета на Брегот на Слоновата коска.
Тој оваа земја ја нарече земја -„пример”, поради големиот број на имигранти кои живеат во неа.
„Сакам оваа ситуација да биде пример за сите континенти и земји од сите делови на светот. Ние, исто така, прифативме три милиони браќа и сестри кои избегаа од судирите, без никаква дискриминација врз основа на религиската, јазичната или етничката припадност”, рече Ердоган.
Турскиот претседател ја започна вчера турнејата низ земјите од Африка. Во текот на посетата на Брегот на Слоновата Коска тој ќе учествува на Бизнис-форум на високи делегации од двете земји. Во рамките на посетата на Западна Африка, Ердоган ќе ги посети и Гана, Нигерија и Гвинеја.