Satuk Buğra Kutlugün
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (AA) - Повлекувањето на американските војници од северот на Сирија започна, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„По нашиот разговор вчера вечер [недела], како што изјави претседателот [Доналд Трамп], повлекувањето започна“, изјави Ердоган пред новинарите на Меѓународниот аеродром „Есенбога“ во Анкара, пред неговото заминување во дводневна посета на Србија.
Соединетите Американски Држави (САД) вчера отфрлија каква било помош или учество во планираната операција на Турција источно од реката Еуфрат во северна Сирија.
Преку соопштение, Белата куќа истакна дека Турција наскоро ќе ја спроведе својата долгопланирана операција во северна Сирија.
„Вооружените сили на Соединетите Американски Држави (САД) нема да ја поддржат ниту ќе се вклучат во операцијата; силите на САД, поразувајќи го ДЕАШ, веќе нема да бидат во непосредното подрачје“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Со турските офанзиви „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ северозападниот дел на Сирија беше ослободен од терористите на ЈПГ/ ПКК и ДЕАШ, овозможувајќи им на Сиријците кои избегаа од насилствата да се вратат во земјата.
Турција долго време говори за терористичката закана источно од реката Еуфрат во северниот дел на Сирија и спроведување воена операција со цел да се спречи формирање терористички коридор.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и голем број деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.