Ekipa
01 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Ерменија нема да ја спаси ниту тоа што оставајќи сè настрана, упорно изнесува невистини за Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше обраќање пред Големото народно собрание на Турција (ТБММ) по повод почетокот на новата законодавна година, и притоа истакна дека турскиот Парламент јасно покажа дека заедно со турскиот народ претставува извор на надеж за многу луѓе во светот.
„Нашиот државен Парламент, кој пружаше искрена поддршка на нашите браќа на многу места, од кипарските Турци, Азербејџан, до Балканот и Северна Африка, покажа дека заедно со нашиот народ, е извор на надеж за сите наши пријатели“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека во целиот свет неопходно е воспоставување безбедност, Ердоган рече дека на светот му е потребна праведна распределба на ресурсите што се доволни за сите луѓе.
Ердоган истакна дека Турција има таква геополитичка положба што се наоѓа во центарот на регионот кој има доживеано најголеми кризи. Рече дека раните од минатото на Балканот и понатаму се свежи и дека на тој регион му е неопходно воспоставување траен мир и стабилност.
Тој, исто така, го наведе примерот на анексијата на Кримскиот Полуостров како потенцијален извор на кризата во црноморскиот регион, како и ерменската окупација на Нагорно Карабах како главна причина за кризата на Кавказот.
Ердоган најави дека Турција и понатаму со сите ресурси и со сето срце ќе продолжи да го поддржува братскиот Азербејџан, кој е цел на новите ерменски напади.
„Турција ќе го поддржува Азербејџан во согласност со принципот „Две држави, еден народ“, рече Ердоган.
Според него, ако Ерменија се повлече од окупираните азербејџански територии, ќе биде постигнат траен мир во регионот.
„Оние кои ја поддржуваат ајдучката држава [Ерменија], ги предупредувам дека ќе одговараат пред заедничката совест на човештвото“, нагласи тој.
„Ерменија нема да ја спаси ниту тоа што оставајќи сè настрана, упорно изнесува невистини за Турција“, додаде турскиот претседател.
Тој се осврна и на палестинското прашање, нагласувајќи дека истакнувањето на правата на невиниот палестински народ на секоја платформа, Турција го смета како чест за земјата и за турскиот народ.
„Сè уште може да се забележат трагите на османлискиот отпор во градот кој за време на Првата светска војна бевме принудени да го напуштиме со солзи в очите. Кудс [Ерусалим] е наш град, тој е еден град од нас“, рече Ердоган.
- Источен Медитеран -
Турскиот претседател нагласи дека Турција се залага за решавање на тековните спорови околу политичкиот и економскиот потенцијал на Источниот Медитеран на правичен начин.
Обвинувајќи ја Европската Унија (ЕУ) дека станува неефикасна и плитка структура, тој рече дека Блокот е заробен од две земји членки, Грција и администрацијата на кипарските Грци.
„Нема кризи во нашиот регион што биле решени со вклучување на ЕУ“, додаде Ердоган.
„Напротив, секоја криза во која се има вмешано Унијата ескалираше во нови димензии“, рече Ердоган.