Fatma Sevinç Çetin
29 Октомври 2023•Ажурирај: 30 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, објави честитка по повод 100-годишнината на Република Туркије, јавува Анадолу.
„Доживуваме возбуда и гордост што денеска ја одбележуваме 100-годишнината на нашата Република. Од срце им го честитам на нашите граѓани кои живеат во нашата земја и низ светот 29 Октомври - Денот на Републиката“, напиша Ердоган на социјалните мрежи.
На социјалните мрежи на Претседателството на Република Туркије објавена е честитка по повод 29 Октомври, Денот на Републиката.
„Со почит, им оддаваме спомен на сите наши херои, а особено на основачот на нашата Република, Мустафа Кемал Ататурк, кој несебично се бореше за да победиме во војната за независност и оваа земја да стане наша татковина. И понатаму ќе продолжиме да работиме со сите сили на тоа Република Туркије, која ја основавме плаќајќи висока цена пред 100 години, да ја подигнеме над нивото на современите цивилизации, со чувство на заедништво, солидарност и братство“, се вели во пораката.
Во Република Туркије денеска со бројни манифестации, програми и активности се одбележува 29 Октомври, Денот на Републиката, и 100-годишнината од прогласувањето на Република Туркије.
Денот на Републиката се одбележува низ целата земја, од Истанбул, Анкара, Измир, Трабзон до Газиантеп и Кахраманмараш.
Делегација предводена од претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес по повод 29 Октомври го посети Аниткабир, мавзолејот на основачот на модерна Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк.
По тој повод беше интонирана националната химна на Република Туркије и положено цвеќе. Турскиот претседател потоа остави порака во Книгата на впечатоци.
Националниот празник, Денот на Републиката, во Туркије се одбележува на 29 октомври во знак на сеќавање на прогласувањето на Република Туркије во 1923 година. Републиката ја прогласи војсководецот Мустафа Кемал Ататурк, кој потоа беше избран од Големото народно собрание на земјата за прв претседател на современа Туркије.
Еден од најголемите национални празници се обележува со низа пригодни манифестации низ целата земја, вклучително и положување венци во Аниткабир, мавзолејот на Ататурк.