Mustafa Hatipoğlu
25 Ноември 2023•Ажурирај: 26 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Глобалниот пазар за халал производи и услуги (според исламските прописи) порасна на повеќе од 5 билиони долари, со значителен раст во секторите како што се храната, туризмот, козметиката и финансиите, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Побарувачката за производи и услуги со халал сертификат се зголемува бидејќи овие производи се чисти и здрави и ги претпочитаат муслиманите. Денес, светскиот пазар за халал производи и услуги достигна вкупен обем од над 5 билиони долари, особено во секторите како што се храната, туризмот, козметиката и финансиите“, рече Ердоган во видеопораката испратена до 9. Светски самит за халал производи и услуги и 10. Саем на халал производи на Организацијата за исламска соработка (ОИК) „Халал Експо 2023“ во Истанбул.
Истакнувајќи дека оваа бројка расте секој ден паралалено со потребите и очекувањата, Ердоган рече дека документацијата и стандардизацијата се многу важни и за да се обезбеди пристап на потрошувачите до халал сертифицирани производи и услуги, и да се олесни циркулацијата на халал производите и услугите во меѓународната трговија.
Тој рече дека осигурувањето на храната е стратешки важно поради руската војна против Украина.
„Верувам дека Халал самитот, кој ќе биде домаќин на речиси 40.000 гости, од кои 10.000 странски посетители, ќе ја зајакне обезбеденоста со храна за исламските земји“, додаде тој.
Ердоган рече дека активностите на Институтот за стандарди и метрологија на исламските земји (SMIIC), кој започна со работа во 2010 година, се од витално значење во овој поглед.
Тој ги покани сите земји членки на Организацијата за исламска соработка (ОИК) да се приклучат на Институтот за да помогнат да се избегнат конфликти, несогласувања и несигурност во халал-сертификацијата.
Истакнувајќи дека Туркије посветила внимание на ова прашање со воведување на сопствена Агенција за акредитација на халал (ХАК), тој рече дека ќе се погрижат секторот за халал во земјата да ја достигне позицијата што ја заслужува.
Самитот се одржува под покровителство на турското претседателство, а турската меѓународна новинска агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер.