Diyar Güldoğan
23 Август 2022•Ажурирај: 24 Август 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја отфрла илегалната анексија на Крим, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Враќањето на Крим во Украина, чиј нераскинлив дел е, е суштинска неопходност од гледна точка на меѓународното право“, рече Ердоган во видеопораката на Вториот самит на Кримската платформа.
Кримската платформа е меѓународен механизам за координација на Украина за да привлече поголемо глобално внимание на илегалната анексија на Крим од Русија во 2014 година.
Ердоган рече дека Анкара ќе продолжи да ја поддржува Кримската платформа, што беше формирана за мирно да се реши кримското прашање.
„Туркије не ја признава анексијата на Крим и од првиот ден отворено кажува дека овој чекор е нелегитимен и незаконски. Ова е принципиелен став кој има не само правни, туку и морални основи“, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство на Украина е од клучно значење не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност.
„Обезбедувањето на безбедноста и благосостојбата на нашите колеги Кримски Татари е исто така меѓу приоритетите на Туркије“, рече тој.
Ердоган, исто така, повтори дека очекува Нариман Џељал, заменик-претседател на Меџлисот на Кримските Татари, и најмалку 45 други Кримски Татари, кои Русија ги притвори во 2021 година, да бидат ослободени.
„Кримските Татари, кои многу страдаа низ историјата, се борат за мирен живот во својата татковина. Туркије ќе продолжи да стои покрај украинската Влада и Кримските Татари во овој процес“, додаде Ердоган.
Тој, исто така, посочи дека Туркије ќе продолжи со својата посредничка улога меѓу Русија и Украина за да обезбеди мир во регионот.