Andaç Hongur
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Екуменскиот Патријарх Вартоломеј испрати писмо до турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во кое истакна: „Со цело срце го молиме семоќниот Бог со операцијата 'Маслинова гранка' да се стави крај на тероризмот кој десетици години наназад зеде илјадници жртви во нашата земја, како и да се донесе мир во Сирија. Нашата желба и желбата на нашата заедница е да се стави крај на тероризмот кој ги погоди и вознемири сите наши граѓани, пред сè нашите граѓани со курдско потекло во југоисточниот дел на земјата, и нашата држава брзо да се развие во една безбедна средина“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Екуменскиот Патријарх Вартоломеј во име на патријаршијата и во име на заедницата испрати писмо до претседателот Ердоган со желба за успешно реализирање на операцијата „Маслинова гранка“.
Во писмото кое започнува со изразот „Почитуван наш претседател“, Вартоломеј истакна дека стара традиција на црквата е секогаш да се моли за вечноста на државата, за здравјето на управителите, за благосостојбата и среќата на народот, како и за мирот на стотици илјади лица кои ги напуштиле своите домови поради судирите и војните во јужните соседски земји, пред сè Сирија.
„Со цело срце го молиме семоќниот Бог со операцијата 'Маслинова гранка', која започна со вашата одлучност, да се стави крај на тероризмот кој веќе десетици години наназад зеде илјадници жртви во нашата земја, како и да се донесе мир во Сирија. Нашата желба и желбата на нашата заедница е да се стави крај на тероризмот кој ги погоди и вознемири сите наши граѓани, пред сè нашите граѓани од курдско потекло во југоисточниот дел на земјата, и нашата држава брзо да се развие во една безбедна средина. Вашиот одлучувачки став во борбата против тероризмот предизвикува голем одглас кај светската јавност. Посакуваме успех за вас и за Турските вооружени сили (ТСК), и посакуваме операцијата 'Маслинова гранка' да донесе мир во регионот, и да им даде надеж на луѓето кои се соочиле со сета болка, за една безбедна иднина“, наведе Вартоломеј во своето писмо испратено до турскиот претседател Ердоган. Тој воедно му посака здравје на претседателот Ердоган кој, како што рече тој, истовремено се бори против внатрешните и надворешните закани за да ја води земјата кон една подобра иднина.