Mümin Altaş
28 Јануари 2018•Ажурирај: 28 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Генералштабот на турската војска соопшти дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во сириското погранично подрачје на Африн биле неутрализирани најмалку 484 терористи, јавува Anadolu Agеncy (AA).
„Авионите на турските воздухопловни сили во текот на ноќта извршија напади и уништија новооткриени упоришта и засолништа. Во нападите учествуваа седум авиони и сите се вратија во базата по успешно завршената задача. Според првичните информации од терен, во тие напади се неутрализирани најмалку 37 припадници на терористичките организации ПЈД/ПКК и ДЕАШ. Од почетокот на операцијата 'Маслинова гранка' неутрализирани се најмалку 484 терористи. Операцијата и понатаму е во тек во согласност со планираното“, се наведува во соопштението на турскиот Генералштаб.
Турските сили и Слободната војска на Сирија во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон центарот на Африн од северниот, западниот и северозападниот дел.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.