Lale Bildirici Büyükkarakaya
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (AA)
- Лале БИЛДИРИЏИ БУЈУККАРАКАЈА
Импресионирана од градината со пеперутки што ја видела во Англија, Чигдем Унлу, во Турција отворила фарма во која одржува здрава и природна средина, во која им овозможува на пеперутките за кои се грижи, да го продолжуваат својот вид.
Фармата во Бејкоз, во која живеат околу 800 пеперутки, на своите посетители им овозможува да бидат заедно со овие шарени суштества. Создавајќи услови на тропска клима, со температура од 28 степени Целзиусови и влажност на воздухот од 80 %, Унлу во градината се грижи за 15 вида пеперутки.
Унлу за Агенција Анадолија (AA) изјави дека фармата е изградена во 2013 година.

Изјавувајќи дека за време на патувањата во странство со нејзиниот сопруг наишле на градини со пеперутки, Унлу истакна: „Првото нешто што го видовме во Стратфорд, градот во кој е роден Шекспир и ги напишал неговите прекрасни дела, беше градината со пеперутки. Си рековме, треба да го направиме ова и во Турција. Ние двајцата сме екологисти. Решивме да ја основаме оваа фарма за да ги оттргнеме децата од трговските центри, да ја запознаат природната средина, да ја увидат убавината на пеперутките и да научат какви придобивки имаме од пеперутките. По долгорочните етапи и работа од околу две години, ги донесовме нашите први пеперутки во Истанбул, тука во Бејкоз.“
Посочувајќи ја важноста на природната средина што ја создале за пеперутките за да им обезбедат здрав живот, Унлу истакна дека отворената површина на фармата изнесува 4-5 декари.

Информирајќи дека големината на градината со пеперутки е приближно 500 квадратни метри, Унлу продолжи со зборовите:
„Тропските пеперутки се изложени во градините со пеперутки низ светот поради нивниот колорит, убавата форма и големи крилја. За нив е потребно да се создаде тропска клима. Ова место е специјално климатизирано на температура од 28 степени и околу 80 % влажност. Специјално се донесени и растенија со кои се хранат пеперутките, а ќе ги сакаат и гасениците. Има растенија донесени од странство и од Анадолија. Имаме и голем број видови дрвја. Тоа се дрвја што ќе ги сакаат и пеперутките и гасениците.“

- „Не користиме ништо хемиско бидејќи тоа ќе им наштети на пеперутките“
Истакнувајќи дека на фармата има 15 вида пеперутки, Унлу рече дека бројот може да варира во зависност од ларвите.
Информирајќи дека на фармата за пеперутки доаѓа една ларва на секои 15 дена, Унлу изјави: „Можете да видите околу 800 пеперутки во градината. Секојдневно се грижиме бидејќи средината треба да биде влажна. И грижата за растенијата е секојдневна. Не користиме хемиски препарати бидејќи тоа би им наштетило на пеперутките. Пеперутките се хранат со зашеќерена вода и затоа, доколку нема доволно цвеќиња, секогаш чуваме шеќерна вода или овошје наоколу. Пеперутките немаат уста, туку долга сурличка (пробосцис или рилка). Тие можат да пијат течности само со нивниот пробосцис. Поради оваа причина, овде ги чуваме сите видови материјали што пеперутките би можеле да ги пијат, исто како што ние пиеме со сламка.“
Зборувајќи дека молецот Атлас е еден вид кој може да ги рашири своите крилја до 30 сантиметри, Унлу истакна: „Молците и пеперутките потекнуваат од исто семејство, семејството Лепидоптера. Во светот има 200.000 видови лепидоптери. Атласот е еден од нив. Секогаш се поставува прашањето кој е најголем, Атлас е најголемиот.“

Информирајќи дека фармата годишно ја посетуваат околу 200.000 посетители, Унлу истакна дека фармата во Истанбул се разликува од другите примери во светот.
Зборувајќи дека на децата кои ја посетуваат фармата им го презентира филмот под наслов „Приказната за пеперутката“, Унлу рече дека по гледањето на филмот, децата ги разбираат придобивките за екосистемот од овие суштества.
Забележувајќи дека пеперутките, како и пчелите, им овозможуваат на растенијата да се репродуцираат, Унлу продолжи со зборовите:
„Доколку нема пеперутки, никој од нас не би можел да преживее. Уништувајќи ја природата, ѝ наштетуваме на нивната животна средина и на нивните живеалишта. Хемиските пестициди што се користат во земјоделството, исто така, убиваат суштества како бубамари, мравки, пчели и пеперутки. Од тој аспект, најважното што треба да се направи за ова прашање е да се подигне јавната свест. Потребна е и обука за создавање јавна свест. Свеста може да се создаде особено ако оваа тема се изучува во училиштата.“

Унлу изјави дека на оваа фарма сакаат да изложат видови кои тешко можат да се видат во Турција.
Подвлекувајќи дека пеперутките се наивни, убави, уметнички, многу моќни и важни суштества, Унлу рече: „На пример, постојат пеперутки кои можат да мигрираат 3.500 километри. Во Америка, монарх пеперутките можат да патуваат 3.500 километри, од Канада до Мексико. Можете ли да замислите? Тие можат да летаат како птици. Но, покрај тоа, тие се и многу корисни за природата. Затоа што летаат од цвет на цвет и притоа го пренесуваат поленот, им овозможуваат на растенијата да се размножуваат.“