Enes Duran,Arife Yıldız Ünal,Sevgi Ceren Gökkoyun
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за индустрија и технологија на Република Турција, Мустафа Варанк, изјави дека со програмата за вработување на младите инвеститори ќе им бидат понудени 170 фабрики во 32 града, а со поддршка поголема од 600 милиони лири ќе бидат вработени повеќе од 60.000 млади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Варанк на седницата на Комисијата за планирање и буџет при Големото народно собрание на Република Турција го понуди буџетот на Министерството за индустрија и технологија за 2022 година.
Во таа пригода, министерот рече дека се преземени одлучни чекори во областа на индустријата кон одржливиот развој и зелената револуција.
Тој смета дека овој процес на револуција ќе го отвори патот за промени во политиките на инвестиции, производство, вработување и извоз и дека се смета за еден од основните елементи на визијата за 2053 година.
Според неговите зборови, еден од клучните елементи на Стратегијата за индустрија и технологија 2023 е развојот на претприемништвото и Министерството да нуди финансиска поддршка на многу организации кои се занимаваат со развој и технологија.
Постојат технички паркови, технолошки центри и слично кои овозможуваат комерцијализација на иновативни бизнис-идеи.
Тој се осврна на фактот дека постојат многу работилници за научно истражување и дека до 2023 година нивниот број ќе се зголеми низ цела Турција, како и на Фестивалот за авијација, вселенско истражување и технологија (ТЕКНОФЕСТ), додавајќи дека тој станал глобален бренд.
„Првата година на натпреварите во 14 категории се пријавија 20.000 млади. Годинава добивме повеќе од 200.000 пријави од 111 земји за натпревари во 36 категории“, рече Варанк.
ТЕХНОФЕСТ 2022 ќе се одржи во Самсун, на турскиот брег на Црното Море.
„Оваа година“, објаснува Варанк, „низ Турција се одржаа саеми за наука, кои ги посетија речиси 2,7 милиони луѓе.“
„На овие саеми беа претставени 190.000 научни проекти кои ги подготвија околу 500.000 ученици од повеќе од 5.000 училишта“, рече Варанк.
Министерот додаде дека младите секоја година постигнуваат сѐ поголеми успеси на Меѓународната научна олимпијада, а годинава претставниците на Турција освоија 5 златни, 19 сребрени и 30 бронзени медали.
Турски научници освоија 13 награди на Светскиот натпревар во наука и технологија.
Варанк се осврна и на организираните индустриски зони, наведувајќи дека во Турција има 327.
Токму овие зони се сметаат за почетна точка на зелената револуција кога станува збор за производството.
Тој потсети на чекорите што ги презема државата за да ги поттикне инвестициите во индустријата, вредни неколку стотици милиони лири.
Во индустриските зони во кои се вработени околу 25.000 работници, во 2020 година е извршен извоз од 7,5 милијарди лири.
Кон крајот на годината се планира да се завршат голем број проекти од областа на индустријата.
Тој додаде дека Министерството, преку Агенциите за развој и Управата за регионален развој, настојува да го искористи локалниот потенцијал и да овозможи благосостојбата да биде претставена низ целата земја.
Во следните две години агенциите ќе бидат насочени кон вработување и обука на млади луѓе кои значително ќе придонесат за регионалниот развој.
„Со проектот „Млади работници и производители“, започнат во соработка со Министерството за млади и спорт, на инвеститорите им нудиме 170 фабрики во 32 града. Со поддршка поголема од 600 милиони лири, ќе бидат вработени 60.000 млади луѓе“, рече Варанк.