Ahmet Bayram
02 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
ИЗМИР (АА) - Во античкиот град Метрополис, сместен во подрачјето на Торбали, во турската област Измир, пронајдени се гробници со коски на членови на семејства и подароци, а се претпоставува дека припаѓаат на периодот од првиот век на новата ера, јавува Anadolu Agency (AA).
Фондацијата „Сабанџи“ соопшти дека ископувањата за 2017 година во античкиот град Метрополис се завршени во координација со Министерството за култура и туризам и Дирекцијата за културни добра и музеи на Турција.
Откритијата за време на ископувањата дадоа повеќе информации за општествениот живот во градот и за начинот на закопување на починатите.
Истражувањата на површината, од друга страна, дадоа увид за трговскиот живот на Метрополис.
- Соби гробници -
Во Метрополис до денес се откривани гробови за едно лице, а ова е првпат да бидат пронајдени соби гробници со лакови од првиот век од новата ера, а се сметаат за едни од најважните структури на гробови од античкиот период.
Во гробниците се пронајдени подароци како светилки, огледала, лажици и други предмети кои дадоа одреден увид во ритуалите кои ги вршеле семејствата и пријателите по смртта на починатиот.
Предметот кој најмногу е оставан се светилките за кои се претпоставува дека биле оставани во собите-гробници за да го осветлат патот на починатиот.
Метрополис, во кој до денес се откриени околу 11.000 предмети, во последните две години го посетија неколку илјади домашни и странски туристи.
- Концептот на семејството во античкиот период -
Шефот на истражувачкиот тим, Сердар Ајбек, изјави дека истражувањата во Метрополис и неговата околина довеле до нови откритија. Тој изјави дека дошле до нови откритија за општествениот живот во Метрополис, но и за односите со околните градови.
„Собите-гробници со лакови кои првпат ги видовме во градот даваат важни податоци за начинот на закопување и за културните траги на жителите на Метрополис. Откритијата покажуваат дека концептот на семејството е базиран на цврсти темели и дека е почитуван“, изјави Ајбек.
Директорката на Фондацијата „Сабанџи“, Зерин Којунсаган, изјави дека таа организација има за цел да го заштити културното наследство и да открие повеќе детали за градот кој е важен за историјата на светот.