Jeyhun Aliyev
27 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Турски телевизиски водител во живо во неговата емисија, што траеше пет часа, собра 51 милион турски лири (8,6 милиони долари) како дел од кампањата за донација за погодените од земјотресот во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на загинати лица во земјотресот, што со јачина од 6,8 степени го погоди источниот турски град Елазиг, се искачи на 41, а повеќе од илјада лица се повредени.
Аџун Лиџали, кој е телевизиски продуцент и сопственик на каналот „TV8“, во неговата емисија вчера побара од граѓаните да донираат преку директен трансфер на пари или преку СМС-порака со текст за донација. Секоја испратена порака чинеше 10 лири (1,7 долари).
Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, се приклучи на телевизиското шоу преку телефонски повик од Алжир, каде што престојуваше во официјална посета. Тој направи симболична донација во износ на неговата месечна заработка во вредност од 26.000 турски лири (околу 4.400 долари). Тој исто така го донираше и месечниот паричен надоместок од неговата сопруга.
„Чест ни е да бидеме дел од нација која секогаш успева да биде во единство и солидарност кога има потреба. За нас е чест да ја претставуваме нашата нација“, рече Чавушоглу и додаде дека Турција е на прво место кога се работи за хуманитарна помош во светот.
„Ние не сме најбогата, но сме најдарежлива земја во светот“, додаде тој.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, кој исто така телефонски се приклучи во емисијата, изјави дека со меѓусебната поддршка, луѓето оставиле големо наследство за иднината и донираше 20.000 турски лири (околу 3.400 долари) за кампањата.
„Историјата во која живеел народот е важна, но она што го оставиле за иднината е од суштинско значење“, додаде тој.
Турскиот фудбалер на Бешикташ, Бурак Јилмаз, во име на неговиот фудбалски дим донираше 300.000 турски лири (50.460 долари).
Турскиот бизнисмен Хусеин Оздилек преку телефонски повик во емисијата исто така донираше 1 милион турски лири (168.000 долари).
Бурак Сојлу, бизнисмен од турскиот град Елазиг, кој изјави дека е сопственик на технолошка компанија и телевизиски канал, вети дека ќе донира 2 милиони турски лири (336.000 долари). Тој додаде дека сака да изгради училиште во регионот погоден од земјотресот, именувано по неговите родители.
Турски државјанин со палестинско потекло по име Ахмед ал Сер, исто така ја искажа својата солидарност и поддршка, донирајќи 500.000 турски лири (84.000 долари) за кампањата.
На крајот од шоуто, телевизискиот водител изјави дека 22 милиони турски лири (3,7 милиони долари) се собрани преку СМС-пораките и 29 милиони турски лири (4,9 милиони долари) се собрани преку индивидуални донации.
Министерот за внатрешни работи Сојлу на прес-конференција денес се заблагодари на телевизискиот канал за кампањата од многу големо значење.