Турција

Во Коња одбележана 752-годишнината од смртта на Мевлана Руми

Роден во 1207 година во туркиско семејство на територијата на денешен Авганистан, Руми е еден од најчитаните мислители во светот

Aida Cako  | 18.12.2025 - Обновена : 18.12.2025
Во Коња одбележана 752-годишнината од смртта на Мевлана Руми Фото: Serhat Çetinkaya/AA

КОЊА (AA) - Во Коња, централна Турција, синоќа се одржаа комеморации по повод 752-годишнината од смртта на Мевлана Џелаледин Руми, на кои присуствуваа официјални претставници, верски личности и голем број посетители во чест на прочуениот исламски научник, поет и суфиски мистик, јавува Анадолу.

Во рамките на Меѓународните комеморативни церемонии, претседателот на Дирекцијата за верски прашања на Турција (Дијанет), Сафи Арпагус, одржа „Мевлевиски разговор“ во Коња.

Обраќајќи се на свеченоста во културниот центар „Мевлана“, на која присуствуваше и министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсои, Арпагус говореше за учењата на Мевлана и даде осврт на мевлевиската традиција.

По говорите, програмата продолжи со концерт на суфиска музика во изведба на Истанбулскиот историски ансамбл за турска музика при Министерството за култура и туризам, како и реномираниот турски уметник Ахмет Озхан.

Потоа настапи Турскиот суфиски музички ансамбл од Коња, кој ја изведе церемонијата Сема.

- Наследството на Руми -

Во Турција, Руми е познат со името Мевлана, што значи „наш учител“ или „научник“, а неговиот мавзолеј во Коња и денес привлекува милиони аџии од целиот свет.

Роден во 1207 година во туркиско семејство на територијата на денешен Авганистан, Руми е еден од најчитаните мислители во светот. Неговите учења за сочувството, единството и божествената љубов одамна ги надминуваат границите на културата, јазикот и религијата.

Неговото најпознато дело „Месневи“, напишано по загубата на неговиот сакан учител Шемс од Табриз, обработува теми на духовна љубов, скромност и толеранција. Делото помогна во обликувањето на духовна традиција што се протега низ Турција, Иран, Авганистан, Азербејџан и Централна Азија и претставува едно од темелните дела на суфиската литература.

Со повеќе од 50.000 стихови, „Месневи“ се смета за едно од највлијателните дела на суфизмот и е преведено од оригиналниот персиски јазик на 26 јазици, меѓу кои турски, англиски, француски, шпански и арапски.

Руми е автор и на „Диван-и Кабир“, монументална збирка од над 40.000 лирски песни, со што дополнително го зацврсти своето влијание врз исламскиот мистицизам и светската книжевност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.