Албанија: Наставниците на протест за „деполитизација на образованието“
- Протестот е свикан од Обединетиот синдикат на албанското образование, со цел, според нив, да се побара „деполитизација на образованието“, новогодишен бонус и 13. плата, како и други барања
ТИРАНА (AA) - Десетици наставници од различни градови во Албанија протестираа пред зградата на пленарната сала на Собранието на Албанија со мотото „деполитизација на образованието“ и со други барања, а дел од протестот беа и пратеници од опозицијата и активисти, јавува Анадолу.
Протестот е свикан од Обединетиот синдикат на албанското образование, со цел, според нив, да се побара „деполитизација на образованието“, новогодишен бонус и 13. плата, како и други барања.
Според организаторите, наставниците бараат и „враќање на легитимитетот на дипломите“.
„Деполитизирајте ги училиштата - почитувајте ги наставниците“, „Наставникот не е сенка, тој е столб“, „Законот за високо образование мора да служи за правда“, „Тринаесетта плата не е подарок, туку право“, „Стоп за дискриминација на дипломите пред Болоњскиот систем“, „Без достоинството на наставникот нема достоинство на нацијата“, беа дел од пораките на транспарентите на протестот.
Наставниците од претуниверзитетскиот систем побараа од надлежните еднакви плати и избегнување на диференцијации меѓу наставниците во однос на платите.
Ина Жупа, пратеничка од најголемата опозициска партија, Демократска партија, во своето обраќање на протестот изјави дека наставниците имаат право да добијат 13. плата. Таа, меѓу другото, нагласи дека ќе продолжи со својот ангажман за обезбедување подобри услови за работа на наставниците.
Ериса Џиџо, пратеничка од опозициската Партија на слободата, во обраќањето на протестот изјави дека ќе се ангажира да се одржи јавна расправа во Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието на Албанија за прашањата што ги поставуваат наставниците.
Организаторите на денешниот протест најавија продолжување на протестите на наставниците.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
