Yeşim Sert Karaaslan
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш, коментирајќи го скандалот во Ротердам, истакна дека е донесена одлука на амбасадорот на Холандија да не му се дозволи да се врати во Турција, додека не бидат исполенти условите поставени од страна на Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
„Донесена е одлука, пред сè, на холандскиот амбасадор, кој во моментов е на одмор во странство, да му се забрани враќање во Турција, сè додека не бидат исполнети условите што ги поставивме", рече Куртулмуш на прес-конференцијата по состанокот на Владата на Турција.
Тој додаде дека е одлучено на одреден период да бидат одложени односите на високо ниво и планираните средби, додека Холандија некако не го поправи она што го направи.
„Беше одлучено на одреден период да бидат одложени односите на високо ниво и планираните средби, состаноците на министерско и на повисоко ниво, а да бидат одложени и официјалните состаноци на високо ниво додека Холандија некако не го поправи она што го направи“, рече Куртулмуш.
Тој истакна исто така дека од денес се сопрени и дозволите за официјалните дипломатски летови на Холандија.
„Само да нема забуна. Ова не се однесува на обичните граѓани на Холандија туку се работи за ограничувања во врска со дипломатите кои ќе го користат турскиот воздушен простор или кои ќе доаѓаат во Турција во официјална посета. Турција нема да ги дозволи дипломатските летови додека Холандија не се откаже од постапките кои ги стори и сè додека не го поправи она што го стори“, рече Куртулмуш.
На крајот додаде дека Турција не е одговорна за оваа криза во односите со Холандија.
„Турција не е одговорна за оваа криза. Турција, иако не е одговорна за ова, во следниот период ќе делува одговорно и решително и ќе преземе значајни напори за турскиот и холандскиот народ да не бидат доведени едни контра други“, рече турскиот заменик-премиер.
Да потсетиме, холандските власти спречија во саботата министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Каја да ги посетат дипломатските претставништва на Турција во Холандија, и да се сретнат со припадниците на турската заедница. Во придружба на полицијата, министерката Каја е испратена во Германија, од каде во неделата се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди спречувањето на посетите на нивните дипломати и побара амбасадорот на Кралството Холандија, кој во моментов е на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара.
Холандската полиција во саботата со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата министерката Каја.