ДИЈАБАКИР (АА) - Во предавничките напади на терористичката организација ПЈД/ПКК, која уби илјадници цивили без оглед дали се работи за жени, мажи, деца или постари лица, многу често цел се и верските објекти, пишува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ПЈД/ПКК од сирискиот град Африн синоќа извршија напад на турскиот град Килис. Ракетата испалена од Африн ја погоди џамијата „Чалик“ во Килис, стара околу 300 години. Загинаа две лица кои за време на нападот извршувале молитва.

Нападите врз џамиите и верските објекти веќе се постојана терористичка практика на ПКК, која со години убива имами и со проектили гаѓа џамии во источна и југоисточна Турција, и истите тие џамии подоцна ги користи како терористички складишта.
Освен џамиите, оваа терористичка организација исто така сруши и голем број на цркви.
Терористите на 26 јуни 1992 година нападнаа џамија во местото Суса, недалеку од Дијарбакир, каде за време на молитва загинаа најмалку 10 цивили, од кои две деца. Година подоцна, поточно на 5 јули 1993 година, ја нападнаа џамијата во населеното место Башбаглар недалеку од Ерзинџан, и убија најмалку 33 лица.
Со напади на верските објекти, терористите на ПКК продолжија и во текот на последните неколку години, а во нападите извршени во градовите Ширнак, Дијарбакир и Мардин, уништени се најмалку 135 џамии.
- ПКК двапати запали џамија стара 500 години -
Во местото Сур, недалеку од Дијарбакир, терористите на ПКК во два наврати ја запалија џамијата на Фатих-паша, која е израдена меѓу 1516 и 1520 година. Исто така, терористите во Сур во текот на 2015 година уништија најмалку 11 историски споменици, меѓу кои и две цркви.
Џамијата на шејхот Абдурахман во Џизре, недалеку од југоисточниот град Ширнак, која терористите ја користеа како своја база и која ја запалија при нивното заминување, остана во неупотреблива состојба. Во одредени џамии во регионот во кои упаднаа терористите на ПКК, изгасен е езанот, а се пуштани пропагандни маршеви на терористичката организација.
Освен што ги гасеа езаните, на видео-снимките објавувани на социјалните мрежи може да се види како терористите се исмејуваат со намазот, исламската молитва.
Но, терористите не се задоволија со нападите на верските објекти, па на 15 јуни 2016 година зедоа за заложници верници кои дошле да извршат молитва во една од џамиите во градот Мус. Од џамијата подоцна со тешко оружје извршија напад врз полициска станица.
- Убивање имами -
Терористите на ПКК, на 23 август 1992 година го запреа автомобилот на Али Елбахадир, имам на џамијата „Февзије“ во местото Егил кај Дијарбакир. Имамот Али го исфрлија од автомобилот, а потоа го убија.
Исто така, го убија и имамот Рамазан Боздаг (30), кој имамската должност ја извршуваше во местото Догубајазит, недалеку од градот Агри.
Поддржувачите на терористичката организација ПКК, во октомври 2014 година во одредени региони јавно го палеа Куранот и друга верска литература.
- Напади на џамии надвор од Турција -
Цел на терористите на ПКК беа и џамиите надвор од границите на Република Турција. Така, група припадници на оваа терористичка организација на 7 август 2015 година во германскиот град Корнвештајм извршија напад во Централната џамија, при Европската турско-исламска унија (ATIB).
Во холандскиот град Дордрехт, на 24 јуни 2016 година дојде до напад на џамијата Ајасофија. Нападот го извршија најмалку 15 лица.
Исто така, на вратите и ѕидовите од џамијата на турската заедница во канадскиот град Монтреал, беа испишани пропагандни пораки на ПКК.
Се случија уште многу други напади во поголем број европски градови.
- Присилно затворање на џамиите во Африн -
Кога станува збор за подрачјето на Африн, северна Сирија, терористите на ПЈД/ПКК присилно затворија најмалку 64 џамии. Терористите на овој план постојано вршат провокации врз локалното население, а на децата им е забрането да следат верска поука за време на летниот распуст.
Терористите во сирискиот град Хасеке упаднаa во обувки во една од џамиите, по што забележани се фотографии на кои се гледа како се исмејуваат со намазот (молитвата) и со исламот.