Fatih Hafız Mehmet
25 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Сириските бегалци кои живеат во Анкара се надеваат дека операцијата покрената од страна на турските сили, „Маслинова гранка“, во северозападниот дел на регионот Африн во Сирија, ќе донесе мир во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мухамед Абдула, кој од Алепо во Турција дошол пред две години, за АА изјави дека Турција сака да го заштити сирискиот народ од терористичките групи во регионот.
„САД таму ја финансираат терористичката организација ПЈД/ПКК и се обидуваат да ја променат демографската структура на Сирија“, изјави Абдула.
Тој изрази поддршка за операцијата спроведена заедно со Слободната сириска војска.
„Арапите треба да ги поддржат Турција и Слободната сириска војска во врска со ова прашање. Посакувам стабилност во Сирија“.
Али ал-Бакар, кој во Турција живее три и пол години, изјави дека бегалците во Турција ѝ изразуваат поддршка на турската влада и на нејзините чекори, и дека многу Сиријци го делат истото мислење.
Ал Бакар изјави дека Турција со операцијата „Маслинова гранка“ има за цел да донесе мир во регионот.
Тој изрази жалење што постојат одредени поделби меѓу сирискиот народ. „Ние сакаме една Сирија. Арапите, Курдите и алевитите не се разликуваат“, нагласи Ал Бакар.
- ПКК не ги преставува Курдите -
Салех Абдулхајт, уште еден сириски бегалец во Анкара, изјави оти се надева дека Турција ќе го расчисти регионот од терористичките групи до крајот на операцијата.
„Се надеваме дека со операцијата ниту една терористичка организација нема да остане во регионот. Исто така, не сметам дека ПКК ги претставува или дека ги заштитува Курдите“, додаде тој.
Тефик Шатур, уште еден Сириец кој живее и работи како бербер во Турција, го нагласи единството на Сирија и изјави дека Турција и Слободната сириска војска прават напори за благосостојбата на сирискиот народ и единството на Сирија.
„ПКК не мисли за иднината на Курдите. Турската влада треба да ги расчисти терористите од овој регион. Затоа мислам дека операцијата во Африн е задолжителна“, додаде Шатур.
Турските сили и Слободната сириска војска на 6. ден од операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон центарот на Африн од север, запад и северозапад, а досега ослободија најмалку 14 точки.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.