Beyza Binnur Dönmez
02 Март 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
АНКАРА (АА) - Американска делегација денеска пристигна во Анкара на разговори со турските официјални лица за ситуацијата во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дел од делегацијата се и американската амбасадорка во Обединетите нации (ОН), Кели Крафт, специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави (САД) за Сирија, Џејмс Џефри, како и поранешниот амбасадор на САД во Турција, кои пристигнаа во Анкара „поради растечката загриженост во врска со ескалацијата на насилството во Сирија“, според соопштението за медиумите од американската мисија при Обединетите нации.
„Силите на режимот на Асад, поддржани од Русија и Иран, започнаа брутална воена кампања во Идлиб, убивајќи стотици цивили, принудувајќи речиси еден милион луѓе да ги напуштат домовите, што претставува најголем број раселени лица од почетокот на сириската војна пред девет години“, се вели во соопштението.
За време на посетата, Крафт ќе ја нагласи „итната потреба за пристап преку границата на ОН, со цел испорака на неопходната хуманитарна помош на сириските заедници и раселените лица кои се борат со недостигот на основните потреби и соодветно засолниште на ниските температури.“
Американската делегација, исто така, се очекува да се сретне со претставници на ОН и на невладините организации кои работат на пружање помош во хуманитарната криза.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ откако најмалку 34 турски војници загинаа во воздушниот напад на режимот на Асад во Идлиб, во деескалациската зона во северозападна Сирија, во близина на јужната граница на Турција.
„Единствената цел на Турција за време на операцијата се војниците на режимот на Асад и неговите елементи во Идлиб според правото за самоодбрана“, истакна турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.
Турските војници кои ги положија животите, работеа на заштита на локалното цивилно население според Договорот со Русија во септември 2018 година, со кој се забрануваат секакви акти на агресија во Идлиб.
Но, оттогаш, во нападите на Асад и руските сили во деескалациската зона, убиени се над 1.300 цивили, бидејќи прекинот на огнот продолжуваше да се крши, поради што околу еден милион бегалци беа принудени да избегаат кон турската граница.