Sarp Özer
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, соопшти дека делегациите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД) ги продолжуваат разговорите за безбедноста на Меѓународниот аеродром во Кабул по најавеното потполно повлекување на американските сили од Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА)
„Досега не е донесена никаква конечна одлука“, изјави ресорниот турски министер Акар по службената посета на Киргистан и Таџикистан.
Акар истакна дека за исходот од тие разговори ќе биде дискутирано и на состанокот со кој ќе претседава турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ќе го спроведеме планот по одобрување од претседателот“, изјави Акар.
Делегацијата на американскиот Стејт департмент и официјални претставници на Пентагон допатуваа минатата недела во Анкара за со турските колеги да разговараат за напредокот и напорите Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул да се одржува во функција по повлекувањето на американската војска кое е најавено да се реализира до 11 септември.
Ситуацијата во Авганистан се влоши откако американскиот претседател Џо Бајден најави дека до 11 септември сите американски сили ќе се повлечат од земјата, а сојузниците на НАТО најавија дека ќе го сторат истото.
Бајден и турскиот претседател Ердоган разговараа за тоа прашање во рамките на неодамнешниот Самит на лидерите на НАТО во Брисел.
Турција веќе шест години води воени и логистички операции на аеродромот во Кабул во рамките на мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“.
Турција, чии сили во Авганистан секогаш биле неборбени, се наведува дека се понудила под одредени услови да го чува аеродромот во екот на неизвесноста за тоа како ќе биде обезбедена работата на главните транспортни рути и на аеродромот, кој е главен влез во Кабул.