САКАРЈА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е постигнат успех од Турција да се направи бренд во област на одбранбената индустрија, иако некои се обиделе тоа да го спречат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на заедничката церемонија на отворање на неколку проекти реализирани во Сакарја, и во таа пригода се осврна и на актуелните случувања.
Рече дека процесот на имунизација во Турција продолжува и дека многу брзо очекуваат и почеток на производството на домашната вакцина.
„Дури и развиените земји беа беспомошни пред проблемите поради епидемијата, Турција ја унапредивме на сите полиња, од здравството до храната и јавната безбедност“, порача Ердоган, и додаде: „Без оглед дали на некои им се допаѓа или не, Турција ќе преземе чекори кон обезбедување на својата независност и иднина, и сигурно ќе ги постигне своите цели“.
Укажа и на значајниот успех на Турција во областа на одбранбената индустрија, порачувајќи дека Турција стана бренд на тоа поле.
„Иако некои не се двоумеа да користат секаков вид лаги и клевети за да го спречат секој наш чекор во одбранбената индустрија, ние успеавме од нашата земја да направиме бренд на тоа поле“, рече Ердоган.
Истакна дека денес зборува преку рамката на она што е сработено во Турција во последните 19 години, преку реализираните проекти и вложувањата.
„Работевме и работиме на тоа сите 84 милиони луѓе во нашата земја да им ги обезбедиме услугите што ги заслужуваат, без оглед на нивното потекло, религија или друга припадност. Ја доведовме нашата земја таму каде што е денес, не ослонувајќи се на никој друг, се надевам дека ќе ја однесеме Турција на уште подобро место“, рече Ердоган.
Турскиот претседател на самиот крај на обраќањето најави изградба на болница во Сакарја, која ќе има капацитет од 1.000 кревети, а чија изградба ќе започне наскоро.