Burak Bir
12 Февруари 2021•Ажурирај: 13 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили неутрализираа 33 терористи на ПКК и уништија повеќе од 50 терористички цели како дел од антитерористичката операција во северен Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Двајца високи припадници на терористичката организација беа меѓу неутрализираните терористи во регионот Гара за време на втората фаза од операцијата „Канџа-орел 2““, соопшти Министерството.
Турција ја започна операцијата „Канџа-орел 2“ во средата во согласност со нејзиното право за самоодбрана што произлегува од меѓународното право да се спречат обидите на ПКК/КЏК и другите терористички организации за повторно обновување на нивните позиции за терористички напади против Турција. Операцијата се спроведува успешно.
Повеќе од 40 авиони, беспилотни воздушни летала, танкерски авиони, авиони за рано предупредување и контрола се приклучија на операцијата, а уништени се складишта за муниција на терористите, пештери и бази во регионот Гара.
Од Министерството се соопштува дека операцијата била извршена во соработка со пријателските и сојузнички земји, целите биле внимателно избрани, максимално се внимавало на заштитата на животите и имотите на цивилното население, како и на животната средина кога била планирана и во текот на извршувањето на операцијата.
Терористите на ПКК често го користат северен Ирак како база за планирање на прекугранични терористички напади во Турција.
Турските операции „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“ беа успешно лансирани во текот на изминатиот јуни за да ја осигурат безбедноста на турскиот народ и границите неутрализирајќи ја заканата на ПКК и другите терористички организации кои често го користат Ирак за планирање на прекугранични напади.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.