ИСТАНБУЛ (АА) - Поднесена е кривична пријава за релевантните службеници во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во врска со турскиот бизнисмен Мехмет Али Озтурк, кој е приведен три години и подложен на тортура, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во врска со кривичната изјава, сопругата на Озтурк, Емине Озтурк и нивните адвокати дадоа изјава за медиумите пред Судот во Чаглајан, Истанбул.
Адвокатот Мете Генчер, во изјавата за медиумите рече дека поднеле кривична пријава до Главниот јавен обвинител во Истанбул за да биде испратена до Министерството за правда против релевантните службеници на ОАЕ, кои турскиот државјанин Мехмет Али Озтурк го држат во притвор три години.
Наведувајќи дека Мехмет Али Озтурк е деловно лице што работи со мешунки, Генчер рече дека Озтурк е основач и претседател на здружението „Туркмен-Дер“, кое помага на голем број сиромашни луѓе во Африка, Ирак и Сирија.
Генчер наведе дека Озтурк е неправедно приведен на третиот ден од саемот за храна „Gulfood“, во Дубаи каде што бил заедно со својата сопруга Емине Озтурк, за комерцијални цели.
„Однесен е некаде во пустина и една година за него нема никакви вести. Неговата сопруга е пуштена следниот ден. Во овој процес изложен е на многу тортури. Правен му е притисок да даде изјави против Турција и претседателот Ердоган. Не ги исполнил нивните барања и изјавил: ‘Јас не сум лицето кое треба да одговара на тие прашања, мене не ми поставувајте такви прашања.‘ Исто така под тортура сакаат да одговори на прашања за односите меѓу Турција и Катар и за улогата на Турција во Сирија. Педесет дена е тепан во една студена просторија, и постојано пред камери е принудуван да одговара на тие прашања. И покрај тортурата, тој не одговарал на тие прашања“, рече адвокатот Генчер.
„Потоа му велеле дека не им помага на Туркмените во Сирија, туку на тероризмот“, раскажа Генчер, додавајќи дека на сослушувањата бил пратен преведувач кој не знаел турски и дека судењето било измислено.
- „Поднесовме кривична пријава поради неправично судење“ -
Адвокатката Ѓулден Сонмез, истакнувајќи дека е поднесена кривична пријава до Главното јавно обвинителство во Истанбул, нагласи:
„Кривичната пријава е поднесена за тортурите врз Мехмет Али Озтурк, незаконското и произволно притворање на сите членови на семејството Озтурк, лошите услови во затвор, неможноста да се ангажира преведувач и адвокат. Кривичната пријава поднесена до Главното јавно обвинителство во Истанбул е само еден чекор во нашата правна борба.“
Адвокатката исто така изјави дека кривични пријави се поднесени против Халид бин Мухамед бин Зајед Ал Нахјан, престолонаследник принц на емиратот Абу Даби, кој според нив, е всушност главниот одговорен за ваквите злосторства, против Тахнун бин Зајед Ал Нахјан, член на Безбедносниот одбор на ОАЕ и висок извршен директор во разузнавачката служба, како и против Халид бин Мухамед кој е на чело на разузнавањето.
- „Сопругот за последен пат го видов во една просторија среде пустина“ -
Емине Озтурк, сопругата на Мехмет Али Озтурк, раскажа што доживеала за време на притворот:
„На третиот ден од саемот додека појадувавме, одеднаш нѐ опколија 5-6 луѓе. Го зедоа телефонот на мојот сопруг. Ги прашав: ‘Кои сте вие?‘, ми рекоа: ‘Не поставувај прашања.‘ Нѐ зедоа и нѐ однесоа во нашата соба. Една група нѐ чекаше во нашата соба. ‘Ни рекоа ’соберете ги работите, одиме.‘ Нѐ симнаа долу во лобито. Таму нѐ чекаше уште една група. Кога видов еден пријател Турчин, викнав: ‘Пријавете го ова во Конзулатот‘. Нѐ извадија надвор и ни ставија лисици. Ни ги затворија очите, нѐ ставија во оклопно возило и нѐ однесоа. Патувавме еден час. Во автомобилот плачев и барав да ми ги отворат очите. По некое време ни ги отворија очите, видов дека патуваме сред пустина. Помислив дека тоа се мафијаши и дека нѐ носат за да нѐ убијат. Потоа повторно ни ги затворија очите. Стигнавме и нѐ симнаа од автомобилот. Кога ги отворив очите, бев во една просторија која не личеше на полициска станица. Ни ги фотографираа нашите пасоши. Таму сопругот го видов за последен пат. Таму останав еден и пол ден. Утрото со затворени очи и раце врзани со лисици ме однесоа на аеродром.“
Истакнувајќи дека тој ден е вратена во Турција, Емине Озтурк рече дека по три месеци од настанот имала краток телефонски разговор со сопругот, но дека никогаш не го видела.
Емине рече дека судењето траело една година, дека на сопругот не му било дадено правото да се брани, а адвокатите не биле примени во судницата.
„Не знаевме каде е мојот сопруг. Ниту нашата амбасада ниту некој друг можеше да добие информации. Една година по судењето дознавме дека е префрлен во затвор во Абу Даби“, додаде Емине Озтурк.
Наведувајќи дека имале тежок процес, таа рече:
„Бев шокирана, долго време не можев да дојдам на себе. Сѐ уште се плашам. Не можам сама да останам дома. Имам мала ќерка и нејзината психичка состојба е многу лоша. Секој ден го споменува татка си. Ќерка ми мисли дека татко ѝ работи во странство. Исто така, полицијата извршила рација во куќата на мојот син во САД, каде што живее заедно со неговите турски пријатели. Му го зеле телефонот, компјутерите. Го зеле и мојот син. Го прашувале: ‘Дали си член на некоја невладина организација? Дали се среќаваш со муслимански групи?‘ Го испрашувале 5-6 часа. Потоа го испратиле дома. По еден период дозволија син ми да се врати во Турција. Мораше образованието да го остави на половина. Го прашувале и за татко му. Одбил да одговори на сите прашања.“
news_share_descriptionsubscription_contact
