Sarp Özer
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
БАКУ (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека азербејџанската Војска во Нагорно Карабах остварила успех што во историјата ќе биде запишан со златни букви и со кој на целиот свет му ја покажала својата сила, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во придружба на командантите на Копнените и на Воздушните сили на Турција, Умит Дундар и Хасан Куџукакјуза, Акар вчера го посети Азербејџан и се состана со азербејџанскиот министер за одбрана, Закир Хасанов.
Акар ѝ честиташе на азербејџанската Војска за ослободувањето на територијата на Нагорно Карабах, што речиси три децении беше под ерменска окупација.
Во обраќањето на присутните Акар истакна дека Турција и понатаму ќе биде со братскиот Азербејџан, кој оправдано ја започнал операцијата за ослободување на окупираната територија и за запирање на повеќедециниските ерменски напади.
„Храброста што азербејџанската Војска ја покажа за време на 44-дневната операција заслужува секоја пофалба и тоа беше операција за која со златни букви ќе пишува во историјата и за која ќе се зборува 44 години“, изјави Акар.
Оддавајќи ѝ почест на храбрата азербејџанска Војска, Акар изјави дека успехот во Нагорно Карабах бил своевидно будење и показател на силата на азербејџанската Војска.
„Успехот на азербејџанската Војска е прославен низ Азербејџан, а такви прослави имаше и во Анкара, Истанбул, Измир и во цела Турција. Тоа е показател на нашето братство“, изјави Акар.
Азербејџанскиот министер за одбрана, Хасанов, изјави дека азербејџанскиот народ речиси три децении со копнеж чекал на ослободувањето на Нагорно Карабах од ерменската окупација.
Истакнувајќи дека Војската на Азербејџан покажала дека е подготвена да ја брани татковината со своите животи, Хасанов ѝ се заблагодари на Турција за помошта што му ја пружа на Азербејџан во неговата праведна борба.