Emin Avundukluoğlu
22 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Турција денес изјави дека владејачката Партија за правда и развој ќе го испрати до Парламентарниот поткомитет спорниот закон што се однесува на стапувањето во брак на малолетни лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето пред новинарите на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, Бинали Јидлирим рече: „Земајќи го предвид повикот на нашиот претседател за консензус по ова прашање, или давајќи им време на опозициските партии да ги развијат своите предлози, ние ќе го испратиме овој закон до поткомитетот во Генералното собрание“.
Предложените измени на законот првично напредуваат во Парламентот и покрај противењето од страна на Републиканската народна партија (ЏХП) и Партијата на национално движење (МХП), двете главни опозициски партии во Парламентот.
Јилдирим изјави дека во поткомитетот ќе се работи на овој нацрт-закон за стапувањето во брак пред полнолетство, со широко учество од сите страни. „Дефинитивно ќе најдеме решение за ова прашање и ќе ги процениме ставовите од сите страни. Не можеме да го игнорираме овој проблем“.
Јилдирим исто така нагласи дека АК Партијата го гледа како криминал стапувањето во брак пред полнолетство, дури и ако двојката или нивните родители се согласни на тоа.
„Пред АК Партијата да дојде на власт, на ова не се гледаше како на криминал. Партијата АК со овој закон го идентификува како кривично дело во Кривичниот законик, за да ги заштити и младите и семејството, па дури и ако родителите се согласни на тој брак“, изјави Јилдирим.
Законската возраст за брак во Турција е 17 години, но под членот 124 на Граѓанскиот законик, судијата може, во вонредни околности, да дозволи стапување во брак и на 16 години.
Законот минатата недела беше поднесен во Парламентот од страна на Мехмет Муш, заменик претседател на парламентарната група на АК Партијата.