ТЕЛ АВИВ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара даде интервју за израелската телевизија „Канал 2“. Во интервјуто, турскиот претседател зборуваше за обидот за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО, за израелско-турските односи, за израелско-палестинското прашање, борбата што се води против терористичката организација ДЕАШ и избирањето на Доналд Трамп за нов претседател на САД, преесува Anadolu Agency (AA).
За терористичката организација ФЕТО, претседателот Ердоган го кажа следното: „ФЕТО наликува на една канцерогена клетка што се проширила низ целиот организам. Во моментов постои метастаза и потребно е оваа метастазирана клетка да ја исчистиме од организмот. Доколку не ја исчистиме, тогаш не се знае утре каде ќе појави и какви последици ќе предизвика. Затоа Турција како една правна држава го прави она што е потребно во законските рамки, она што законот го налага. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, нема повлекување назад“.
На прашањето со кого прво комуницирал на 15 јули, откако бил информиран дека се случува обид за државен удар, претседателот Ердоган одговори: „На 15 јули се подготвувавме да се вратиме. Независно дали првото лице што го побарав вечерта на 15 јули беше премиерот, потсекретарот за разузнавање, или началникот на Генералшабот, целта ми беше веднаш преку медиумите, со помош на ‘ФејсТајм’ да му се обратам на народот“.
Израелската водителка Илана Дајан го запраша турскиот претседател дали размислувал дека постоела можност пучистите со авионите Ф-16 да го нападнат авионот со кој од Мармарис патувал кон Истанбул, на што претседателот Ердоган одговори дека постоел ризик од такво нешто.
Ердоган рече: „Размислувавме за тоа, но ние веруваме во следното. На овој пат излеговме како да сме бесмртни и истовремено сме подготвени за смртта во секој момент. Доколку еден лидер се скрие зад камен, зад една карпа, тогаш народот ќе се скрие зад планина. Затоа лидерите секогаш ќе стојат исправено, ќе бидат во првите редови за да може народот кој верува во него да застане зад него, тогаш и тие нема да се скријат зад планината“.
Потоа израелската водителка му се обрати на турскиот преседател: „Сега, доколку ми дозволите, би сакала да ви поставам потешки прашања“, на што Ердоган одговори: „Она што досега ме прашавте беа лесни прашања?“ Ердоган потсети дека по обидот за државен удар од страна на ФЕТО, кон Турција биле упатувани голем број критики дека реакцијата кон членовите на ФЕТО била претерана.
„Периодот на постоење на Република Турција е 93 години. За овие 93 години, во Турција доживеавме многу државни удари, и во периодот на овие државни удари, Турција плати многу висока цена, но ниту еден изведен пуч досега го немаше ставот што овој пат го покажа турскиот народ. За првпат народот успеа да го разбие обидот за државен удар. Тука би сакал да кажам дека обидот е изведен од терористичката организација ФЕТО, која 40 години се инфилтрирала во различни државни институции, во војската, полицијата, судството, министерствата, и сакаше сѐ да преземе во свои раце“, рече Ердоган.
Водителката во неколку наврати, во текот на говорењето на Ердоган, често го прекинуваше. Турскиот претседател во еден момент ѝ се обрати со зборовите: „Ако сакате, би можеле да го направиме следното. Вие доколку продолжите вака да ме прекинувате, тогаш гледачите нема да бидат во можност да дојдат до заклучок. Дозволете гледачите самостојно да дојдат до заклучок“.
„Во овој настан има една вистина. Оваа мрежа во вооружените сили, оваа терористичка организација во иднина ќе извршува којзнае какви работи. Којзнае што сѐ е таа подготвена да направи во редовите на вооружените сили, полицијата, министерствата, бидејќи сега на виделина излегуваат такви лаги и трикови поврзани со нив, што ние постојано ги откриваме, и ги расчистуваме институциите од нив. Тие се како една канцерогена клетка што се проширила низ целиот организам. Во моментов постои метастаза и потребно е оваа метастазирана клетка да ја исчистиме од организмот. Доколку не ја исчистиме, тогаш не се знае утре каде ќе појави и какви последици ќе предизвика. Затоа Турција како една правна држава го прави она што е потребно во законски рамки, она што законот го налага. Ќе продолжиме да го правиме тоа, нема повлекување назад“.
- Турско-израелски односи -
Претседателот Ердоган се осврна и на напорите што се вложуваат во последно време за да се нормализираат турско-израелските односи. Тој потсети дека поминало многу време од започнувањето на овој период:
„Знаете за моите три точки што постојано ги кажувам. Едната е извинувањето во врска со бродот „Мави Мармара“. Втората беше плаќањето отштета на семејствата на загинатите од „Мави Мармара“. Третата точка е отстранување на ембаргото, прекин на блокадата. Во телефонскиот разговор, почитуваниот Нетанјаху се извини. Потоа беше спроведено и обештетувањето. Сега сме во период на преговори за отстранување на блокадата. Постои голема веројатност и таа да биде отстранета, така наликува. Всушност, изгледа како да е отстранета. По ова прашање, односите меѓу двете земји се добри. Сметам дека сериозно се приближивме до периодот на нормализирање на односите“.
Претседателот Ердоган реагираше на прашањето: „Дали можете да дадете гаранции дека Хамас нема да го користи оружјето кон Израел?“ на коешто одговори со следната процена: „Видете, во моментов треба да кажам нешто многу искрено. Дали вие во име на Израел можете да ми дадете збор дека со оружје нема да биде нападната Газа? Дека Газа и Палестинците нема да бидат нападнати со оружје, бомби, дали можете да го кажете тоа? Видете, во периодот на Ехуд Олмерт, ние речиси дојдовме до крајот, до точка на постигнување договор меѓу Израел и Сирија, дури и беше кажано ‘до крајот на неделата веднаш да се исправи реченицата и договорот нека биде потпишан’. Од израелска страна беше Ехуд Олмерт и во тоа време преговорите во име на Асад ги водевме ние. Кога помирувањето беше речиси постигнато, започна бомбардирањето на Газа. Додека ние работевме да се постигне договорот, започна бомбардирањето на тие подрачја. Додека се преговараше меѓу Сирија и Израел за Голанската Висорамнина, од друга страна започна бомбардирањето, на што ние реагиравме дека треба да се засрамат. Преговаравме, но не успеавме да најдеме решение. По настанот, Ехуд Олмерт беше исклучен. Потоа заврши и раководењето на Олмерт“.
Претседателот Ердоган рече дека не се согласува и околу обвинувањата оти единствениот виновник за настаните е Хамас: „Кога се даваат вакви изјави, треба да се погледнат двете страни. Првенствено, постојано не може да се обвинува само Газа или Хамас. Дали оние што обвинуваат (Израел) некогаш себеси се гледаат за виновни? Нашата желба е да заврши овој маѓепсан круг и овие обвинувања. Зарем е лесно да му се спротивставиш на Израел, кој ги има сите видови оружја, од атомска бомба до конвенционално оружје. Доколку почнете да ги споредувате Хамас и Палестина со оваа сила, тогаш луѓето ќе ви се смеат, треба да бидеме реални“.
- „Според мене, Хамас не е терористичка организација“ -
Водителката повторно го прекина претседателот со зборовите: „Заборавате дека Хамас постојано врши напади врз цивилното население“, нa што претседателот Ердоган одговори: „Да направиме нешто поинакво. Кога го бомбардирате Хамас, кога ја бомбардирате Газа, кога ја бомбардирате Палестина, дали знаете колку луѓе убивте? Кога велите ‘гранатираа со ракети и проектили’, колку Израелци се убиени? Дали знаете колку членови на Хамас, колку Палестинци има во вашите затвори? За жал, стотици, илјадници Палестинци и жители на Газа се наоѓаат во израелските затвори. Доколку ги гледаме овие нешта, тогаш стоиме во место и нема да најдеме решение. Потребно е да се најде решение за да можат народите да го најдат својот мир и спокој. Потребно е да стоиме до ставот за изнаоѓање решение“. На прашањето: „Дали додека Израел го гледа Хамас како терористичка организација, Хамас треба да биде дел од изнаоѓањето решение?“, турскиот претседател Ердоган одговори: „Според мене, Хамас не е терористичка организација. Хамас е политичко движење коешто се роди од отпорот“.
- Израелско-палестински средби -
Ердоган се осврна и на израелско-палестинските средби: „Досега преговаравте со Махмуд Абас, со организацијата Фатах. Дали добивте решение? Не добивте. Затоа во преговорите потребно е на преговарачката маса, заедно со Фатах да ја земете и Хамас, во спротивно, нема да добиете никакво решение. Ние постојано сме во контакт со Хамас, тоа многу добро го знае и еврејското лоби во Америка. Повеќепати еврејското лоби се сретна со мене и зборувавме по ова прашање. Јас на Хамас им ги пренесов нивните гледишта. Отворен сум по ова прашање и немам скриена агенда. Смирен сум по тоа прашање, но јас го сакам следното. Потребен му е мир на ова подрачје. Грев е доколку во ова подрачје не се воспостави мир“.
На прашањето дали претседателот Ердоган повторно би бил посредник меѓу Палестина и Израел, тој одговори: „Доколку дојде таков предлог, нема зошто да не го прифатам. Целиот наш проблем е изнаоѓањето решение и воспоставувањето мир во регионот, но дали Израел се приближува кон решение за двете земји? Не се приближува. Зошто не се приближува? Израел не е сопственик на таа територија и тоа не можете да го занемарите“.
Претседателот Ердоган беше запрашан дали за прекинот на преговорите е виновен само Израел. На тоа, турскиот претседател одговори: „Првенствено е така, бидејќи не прифаќа сугестии. Израел вели: ‘Само Фатах’. Оваа работа не може да се реши само со Фатах, и не се решава, очигледно. Преговорите застанаа и затоа, по изборите, во кои не се знае дали ќе победи Фатах или Хамас, ќе бидат познати претставниците на власта. Со тоа ќе се знае и која страна ќе седне на преговарачката маса“.
На прашањето дали е можно Турција да биде посредник за ослободување на израелскиот војник Шаон Арон, кој се наоѓа во рацете на Хамас, претседателот Ердоган го истакна следното: „Видете, доколку е потребно да влеземе во нешто такво, тогаш тука ќе кажам нешто. Јас со нив ќе се сретнам, но и тие при средбата ќе ме прашаат нешто. Доколку од нив се бара да извршат ослободување, тогаш и тие ќе бараат ослободување од израелската страна. Тогаш јас што можам да им одговорам? Во ваква ситуација одговорноста е од двете страни. Доколку оваа одговорност биде преземена од двете страни, тогаш се разбира дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ, како што тоа го правевме претходно“.
- „Дали еврејската заедница знае што се прави?“
Водителката на израелскиот „Канал 2“ го потсети претседателот Ердоган на зборовите: „Израел прави поголемо варварство од она што го направи Хитлер“, за време на израелските напади врз Газа во 2014 година, и го запраша дали се кае за кажаното? Ердоган на тоа одговори: „Видете, тоа се менува со времето. Тогаш се случуваа такви нешта, на пример бомбардирањето на Газа, во кои стотици, илјадници луѓе загинаа, и јас тие настани не можам никогаш да ги заборавам. Не го одобрувам ниту она што го правеше Хитлер, ниту го одобрувам она што го прави Израел. Во периодот кога таму беа убиени толку многу луѓе, сметам дека споредбата дали ова е поварварско, или она другото е поварварско, воопшто не е на место“.
Водителката повторно влета во излагањето на Ердоган со коментарот: „Дали знаете дека еврејската заедница ќе се чувствува непријатно поради споредбата со Хитлер?“, а на тоа претседателот Ердоган реагираше со зборовите:
„Јас тоа многу добро го знам, но дали еврејската заедница знае што се прави? Во Газа и во Палестина се убиени илјадници луѓе. Му реков (на Шимон Перез) ‘Многу добро знаете да убивате луѓе’. Тоа го реков во Давос. Видете, велејќи му го тоа на Перез, сигурно нешто сум доживеал, штом така кажав“.
- „За жал, Израел се залага џамијата Меџид-и Акса да ја земе под свое“
Ердоган реагираше во врска со прекршоците што ги прави Израел над џамијата Меџид-и Акса. „Можеме да видиме дека, за жал, Израел сака џамијата Меџид-и Акса да ја земе под свое. Тоа не е можно. Потребно е да се заштити и да не се дозволи таа да се претвори во археолошко наоѓалиште, сѐ со цел да се преземе надлежноста над објектот. Знаете дека Ерусалим е свето место на три вери и треба секој да ја покаже својата почит“, рече Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека Хамас треба да биде дел од решавањето на израелско-палестинското прашање. Тој рече дека не би сакал да зборува за ова прашање во периодот на нормализација на турско-израелските односи. „Потребно е да го затвориме ова прашање. Би било жално доколку не успееме во тоа. Секогаш кога Хамас ќе се издигне, ќе расте загриженоста, кога Палестинците ќе се кренат, повторно ќе расте загриженоста и Тел Авив кога ќе се издигне, повторно ќе расте загриженоста. Зарем ставањето крај на тоа не е најдоброто нешто? Тоа е најправилното решение“.
Водителката на турскиот претседател Ердоган му го постави прашањето: „Сигурна сум дека сте ги прегледале видеоснимките од она што се случи на бродот ‘Мави Мармара’. Јас разговарав со израелските команданти и ги чув нивните изјави дека вложиле големи напори за да го избегнат она што се случи. Дали им верувате, или не им верувате?“ Претседателот Ердоган одговори: „Сѐ се тоа лаги, не е можно да им се верува. Ние ги имаме сите документи за упадот на израелските офицери на бродот ‘Мави Мармара’ во меѓународните води. Тоа не е точно, тоа беше направено безмилосно и ние таму загубивме 10 наши браќа. На што да верувам? Тоа не е воможно“.
Водителката Илана Дајан повторно го прекина претседателот Ердоган со прашањето: „Зарем вие не ги погледнавте видеоматеријалите? Зарем не го видовте насилството што беше извршено врз војниците?“ „Погледнав сѐ. Видете, вие не ја зборувате вистината, зборувајте ја вистината. Ние ги имаме сите докази, зборувајте ја вистината. Тоа што сте новинар не значи дека вие ја зборувате вистината. Доколку сметате дека тука ќе го ставите во тесно претседателот Таип Ердоган, треба да знаете дека мене не можете да ме ставите во тесно. Зошто? Затоа што јас ги имам сите документи, што повеќе сакате да одбраните?“, одговори Ердоган.
- „Во Турција никој не е притворен затоа што е новинар”
Водителката го запраша турскиот претседател за слободата на печатот и медиумите во Турција. Ердоган одговори: „Во оваа земја никој не е притворен затоа што е новинар. Оваа земја е правна држава. Ве прашувам, дали новинарите се бескрајно слободни во изразувањето?“ На прашањето на новинарката: „Во ред, каде е границата господине?“, Ердоган одговори: „Онаму каде што започнува мојата граница. Мојата слобода е мојата граница и тој може да дојде до таа граница и не може да ја премине. Новинарите од своите колумни ќе упатуваат навреди до политичарите, претседателите, премиерите, министрите, партиите, кон нивните семејства, а кога ќе се отвори некоја судска постапка, тогаш се вознемирени. Никаде во светот новинарите не се неодговорни, сите мораат да одговараат за постапките и за однесувањето“.
Запрашан: „Еднаш имавте кажано ‘Демократијата е како воз, кога ќе пристигнете до својата станица, потребно е да слезете од возот’. Дали сѐ уште така размислувате, дали сѐ уште го браните тој став?“ претседателот Ердоган одговори: „Вие веројатно погрешно сте го разбрале преводот. Првенствено тоа така како што тоа вие го кажувате. Демократијата е како воз и кога во демократијата ќе дојде времето, таа личност е потребно да слезе од возот. Тоа на пример, го прават голем број западни лидери. Што значи тоа? Загубил на изборите и си заминува“. - „За жал, во рацете на ДЕАШ го гледаме оружјето на западот“ На прашањето на водителката Дајан во врска со борбата против терористичката организација ДЕАШ, претседателот Ердоган рече дека првенствено треба тоа прашање да им се упати на западните земји. „Во моментов ние сме тие што се борат против ДЕАШ“, рече Ердоган.
„Повремено Америка преку коалициските воздушни сили дава воздушна поддршка, но за жал, ние во рацете на ДЕАШ го гледаме западното оружје. Се разбира дека тие отворено не извикуваат ‘Ние го поддржуваме ДЕАШ’, но можеме да забележиме дека со авиони се спушта оружје, од кое половината оди за ПЈД, ЈПГ, додека втората половина оди за ДЕАШ. Се разбира дека по ова прашање треба и Израел да покаже чувствителност. Наша цел е колку што е можно побргу со нашата борба во ова подрачје да донесеме мир“.
- „Сите постапки кон Трамп се непочитување на демократијата“
Ердоган во интервјуто за израелскиот „Канал 2“ зборуваше и за новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. На прашањето дали е изненаден од победата на Трамп на изборите во САД, Ердоган рече: „Мислам дека од мене многу повеќе се изнанадени Американците, бидејќи јас сум човек што верува во резултатите коишто доаѓаат од гласачките кутии. Некои беа изненадени и од мојата победа кога бев избран за претседател на општина Истанбул. Затоа не знам зошто некој денеска е зачуден од победата на Доналд Трамп во САД?“, рече Ердоган.
Претседателот Ердоган понатаму во интервјуто рече: „Има една работа. Доналд Трамп оваа борба ја спроведе со сопствени сили. Тој не дојде од некое гувернерство, ниту пак претходно беше политички ангажиран, и затоа неговите противници беа многу сигурни во себе. Ги собраа парите. Од каде ги собраа? Видете, една од најзначајните групи што на овие политичари им дава пари е онаа против којашто ние се бориме, ФЕТО. ФЕТО им дава сериозна поддршка. Јас им испратив порака, им реков дека прават погрешни работи. Парите што ги зедовте од нив нема да ви помогнат да го постигнете посакуваното и видете во каква ситуација дојдоа сега. Сега со почитуваниот Трамп започнува една нова ера во САД. Сметам дека она што кон Трамп се прави во одредени држави во САД, претставува непочитување на демократијата. Првенствено, потребно е луѓето да покажат почит кон резултатите од гласачките кутии“.
Водителката даде свој коментар, велејќи: „Но знаете дека како муслиман, пред да заминете за САД, потребно е двапати да размислите, бидејќи Трамп во текот на целата предизборна кампања зборуваше многу лоши нешта за муслиманите“.
Претседателот Ердоган го даде следниот одговор: „Видете, овој ваш пристап е многу погрешен. Дали тоа значи дека по ова ние нема да можеме да патуваме ниту во Израел? Денеска, сѐ она што се зборува во говорите пред народот, подоцна се става настрана. Овие нешта ние ќе ги разгледаме со Трамп. Јас уште првата вечер го побарав и поразговравме, дури и се согласивме по многу прашања околу турско-американските односи што нѐ очекуваат во иднина. Затоа сметам дека Трамп нема да има таков однос кон муслиманите, особено по неговите изјави во кои се поправи за некои свои изјави“.
- „Секоја земја со моќни лидери напредува“
На прашањето на водителката: „На светско ниво, секој е во потрага по цврсти, работливи и моќни лидери. Што мислите вие за тоа? Дали во светот се бараат лидери кои се поработливи, помоќни, лидери кои знаат да се наметнат?“ На ова претседателот Ердоган одговори: „Секоја земја со моќен лидер оди напред. Доколку тој не е моќен, тогаш земјата не ќе може да напредува. Земјите што немаат моќни лидери, пропаѓаат. Но не е доволно да се биде само моќен, покрај неговата моќност, потребно е тој да биде и чесен. Доколку лидерот е моќен и чесен, таа земја ќе се издигне“. Потоа водителката го праша претседателот Ердоган: „Дали планирате да останете на власт до 2023 година, кога се навршуваат 100 години од формирањето на Републиката?“
Претседателот на Турција на ова прашање рече дека тоа е одлука на народот: „До 2023 година, кој ќе остане, кој ќе си замине, ние отсега не можеме да знаеме. Во моментов јас сум на функција и додека јас ја извршувам функцијата, во Турција се зборуваат многу нешта. До каде ќе пристигнеме, тоа не го знам“.
Водителката го запраша претседателот Ердоган: „Кога ќе се пензионирате, дали ќе ви недостасува нешто од политичкиот живот?“ Претседателот на Турција одговори: „Првенствено за ова е многу рано, а кога за тоа ќе дојде време, тогаш ќе зборуваме“. На крајот од интервјуто, водителката Дајан го праша претседателот Ердоган: „Што не сакате во политиката?“, а тој одговори: „Лагата“.
news_share_descriptionsubscription_contact
