Alp Özden
24 Мај 2016•Ажурирај: 24 Мај 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на владеjачката Партија за правда и развој (АК Партија) и новиот премиер на Република Турција, Бинали Јилдирим, присуствуваше на првиот состанок на Клубот на пратеници на таа партија во парламентот во својство на шеф на партијата и Владата и во таа пригода истакна дека новата Влада на Турција ќе продолжи да чекори по патот на напредокот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во новиот период на служба на нацијата влегуваме со ист жар и љубов како и првиот ден”, ова се зборови со кои Јилдирим го започна обраќањето на седницата на парламентарните претставници на Клубот на АК Партија
Потсетувајќи дека пред неколку часа е одобрен мандатот на новата турска Влада, Јилдирим им посака на сите членови на новиот Кабинет и на нацијата, среќа и благосостојба во наредниот период.
„Посветено ќе работиме и ќе ѝ служиме на нацијата. Може да се гордееме само доколку нашиот народ е среќен и задоволен”, порача Јилдирим и додаде дека бирачките кутии и волјата на народот се главно средиште и сила на АК Партијата.
Јилдирим во таа пригода му се заблагодари и на својот претходник на чело на партијата и Владата, Ахмет Давутоглу.
„Во име на партијата и нацијата во оваа пригода сакам да се заблагодарам уште еднаш на вториот претседател на нашата партија, мојот достоен придружник, уважениот Ахмет Давутоглу, на доброто служење на државата и нацијата”, изјави Јилдирим.
Новиот турски премиер најави продолжение на одлучната борба против сите терористички организации кои се закануваат на безбедноста на земјата и нацијата, вклучувајќи ги ДАЕШ, ПКК, ПЈД и паралелните структури.
Со зборовите: „ Твојот пат е и наш пат, твојата љубов е и наша. Така беше до сега, така и ќе остане” Јилдирим му се заблагодари и на турскиот претседател и основач на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган, на укажаната доверба и одобрување на 65-та Влада на Република Турција.
По завршувањето на седницата на Клубот на пратеници на АК Партијата во Големото народно собрание на Република Турција, во седиштето на турската Влада во палатата Чанкаја денес би требало да се организира свечено примопредавање на должноста, на која, досегашниот премиер Давутоглу и членовите на 64-та Влада ќе ја предадат должноста на новоизбраната 65-та Влада на чело со премиерот Бинали Јилдирим.