Yıldız Aktaş
18 Август 2016•Ажурирај: 19 Август 2016
ЕЛАЗИГ (АА) - Денеска, во Елазиг, градот во источна Анадолија каде што утрово беше извршен терористички напад, турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека тероризмот е најголемиот проблем на луѓето во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тие предавнички организации се обидуваат да ја затемнат иднината на Турција. Тие имаат газди и советници. Терористичките организации немаат ништо домашно и национално бидејќи тие се најголем проблем на луѓето во овој регион. Затоа сепаратистичката терористичка организација ќе ја истераме заедно, со помош на луѓето од овој регион“, рече турскиот премиер.
Тој порача дека ниту една терористичка организација не може да сe фати во костец со Турција.
„На граѓаните сакам да им порачам дека сме одлучни во борбата против тероризмот. Ниту една терористичка организација не може да се фати во костец со Турција“, порача Јилдирим.
Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, отпатува во Елазиг, градот во источна Анадолија каде што утрово беше извршен терористички напад. Јилдирим беше придружуван од началникот на Генералштабот на турските вооружени сили (ТСК), генерал Хулуси Акар, министерот за одбрана Фикри Ишик, министерот за внатрешни работи Eфкан Ала, министерот за здравство Реџеп Акдаг и министерот за семејство и социјална политика Фатма Бетил Сајан.
Премиерот на Турција претходно ги откажа сите активности планирани за денеска во Анкара.
Најмалку тројца полицајци загинаа, а над сто лица беа повредени во бомбашки напад на Регионалната дирекција на полицијата во турската покраина Елазиг, кој со активирање автомобил-бомба утринава го изведоа припадници на терористичката организација ПКК.