Турција

„Украина ја поздравува понудата на Турција да делува како посредник со Русија“

„Украинската страна е подготвена да одржи преговори во секаков формат“, рече украинскиот амбасадор во Турција

Mustafa Deveci  | 24.01.2022 - Обновена : 25.01.2022
„Украина ја поздравува понудата на Турција да делува како посредник со Русија“

АНКАРА (АА) - Украина денес ја поздрави понудата на Турција да биде посредник меѓу Украина и Русија откако Анкара понуди да ги покани лидерите на двете земји на разговори во нејзиниот главен град, јавува Агенција Анадолија (АА).

„И Украина и Турција сакаат да обезбедат стабилност и мир во нашиот регион. Ние работиме заедно за да ја обезбедиме оваа стабилност“, рече украинскиот амбасадор Васил Боднар на прес-конференцијата што ја одржа во Центарот за политички студии во Анкара.

Истакнувајќи дека Украина и Турција постигнале значителен прогрес во однос на развојот на односите во последните 30 години, тој рече дека двете земји делат заеднички интереси.

Осврнувајќи се на понудата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Турција да посредува помеѓу Русија и Украина, Боднар рече: „Сакам да кажам дека ние ja поздравуваме одлуката на Турција за посредување, особено во овој контекст, понудата на вашиот претседател да го покани нашиот претседател (Владимир Зеленски) и (рускиот претседател Владимир) Путин во Турција, и исто така неговата улога како посредник во ова прашање.“

„Украинската страна ја поздравува оваа понуда и е подготвена да ги одржи овие преговори во секаков формат. Се надевам дека Москва исто така ќе ги разгледа позитивно“, додаде тој.

Забележувајќи дека и Турција и Украина имаат силни економии и дека нивната билатерална трговија дополнително се зголемува, тој рече: „Ние стигнавме до фазата на потпишување договор за слободна трговија. Дури и без договор за слободна трговија обемот на нашата трговска размена се зголеми за 50 отсто во 2021 година.“

Забележувајќи дека турските бизниси се во водечка позиција во големи проекти во Украина, амбасадорот Боднар рече дека во Турција моментално живеат над 35.000.

- Членството на Украина во НАТО за зголемување на безбедноста на Алијансата -

За тензиите помеѓу Киев и Москва, Боднар рече дека конфликтот трае веќе 8 години.

„Затоа, присуството на руските војници на украинската граница не е ништо ново за нас, но она што е ново тука е нивниот број и намери. Ние сме подготвени да одржиме преговори во секаков формат и украинската страна ги поздрави сите претходно постоечки формати“, рече тој.

„Ние го правиме најдоброто за постигнување решение. Од друга страна, ние треба да ја зајакнеме и нашата одбрана и одбранбениот капацитет на нашата војска. Ние сме подготвени за најлошото сценарио, ние сме подготвени да се браниме“, нагласи украинскиот амбасадор Боднар.

Истакнувајќи дека било голема грешка неприфаќањето на Украина во НАТО во 2008 година, тој рече дека членството на Киев би ја зголемило безбедноста на сојузниците на НАТО.

Додавајќи дека членството на Украина во НАТО би било „еден од најсилните фактори што можат да ја запрат Русија“, тој рече дека НАТО нема да мора да испраќа војници во Украина доколку таа стане членка на Алијансата.

„Украина е подготвена да се брани себеси, но го очекува следното разбирање и од НАТО и од европските земји: Руската агресија може да не остане само во Украина, туку и во други земји со текот на времето. Фронтот што денес постои во Украина всушност ја штити не само Украина, туку и Европа од војна“, додаде тој.

Вчера и денес, владите на САД и Велика Британија одлучија да ги повлечат семејствата на вработените во амбасадите во Киев.

Сојузниците на НАТО испраќаат повеќе бродови и авиони за зајакнување на одбраната во источна Европа откако Русија „продолжи со нејзиното воено распоредување во и околу Украина“, објави денес Алијансата.

САД, со своите европски сојузници, предупредуваат дека Русија подготвува терен за инвазија на Украина и дека однапред распоредила повеќе од 100.000 војници на границите со Украина, заедно со распоредување на артилерија и тенкови.

Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека нејзините војници се таму поради редовни вежби.

НАТО го зголемува своето присуство во источна Европа по руската нелегитимна анексија на Крим во 2014 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.