Ferdi Türkten,Barış Kılıç,Aynur Ekiz
31 Август 2019•Ажурирај: 31 Август 2019
АНКАРА (AA) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод 97 годишнина од Денот на победата порача дека Турција никогаш нема да толерира ниту најмала закана по нејзината независност и иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние немаме никакви претензии ниту на педа ничија територија, но исто така нема да толерираме ниту најмала закана насочена кон нашните суверени права, нашата независност и иднина", рече Ердоган во обраќањето на свечениот прием организиран во претседателската палата во Анкара по повод Денот на победата.
„Како и во секоја победа, исто така и за 30 август имаме наши херои кои без ниту малку размислување ги жртвуваа своите животи", рече турскиот претседател и се присети на сите шехиди кои ги дадоа животите за слобода и иднината на државата, вклучувајќи ги и оние кои страдаа во текот на обидот за пуч од 15 јули.
Турскиот претседател истакна дека Турција со своето делување сака да придонесе и за безбедноста на пријателските и братските земји и народи.
„ Постои само една цел на борбата која денес ја водиме во Ирак, Сирија, источното Средоземје и целото ова подрачје, а тоа е пред се, да ги браниме правата на Република Турција, но и да придонесеме за безбедноста на пријателските и братските народи, бидејќи не можеме ниту ние да живееме во мир се додека се во опасност милиони животи на луѓето надвор од нашите граници", рече Ердоган.
Истакна дека турскиот народ не е таков да може мирно да гледа како страдаат нивните пријатели и браќа во светот.
„Според нашата култура и вера е да подадеме рака на помош на секој напатен, угнетуван и прогонуван, без оглед каде се наоѓа во светот", додаде турскиот претседател, напоменувајќи дека целта на неговата земја е да гради и да помага, а не да руши и уништува.
„Во последно време, нашите војници кои се наоѓаат од Авганистан, Косово, Сомалија па до Босна, дадоа голем придонес во областа на безбедноста", рече Ердоган, истакнувајќи дека Турција се обидува да имплементира трајни проекти кои ќе ги подобрат животите на луѓето.
Денот на победата се одбелжува по повод последната битка против грчките сили во Думлупинар во 1922 година и посветен е на Вооружените сили на Турција.