Ali Bayaslan
31 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека немаат намера да се откажат ниту од членството во НАТО, ниту пак од своите сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше свое обраќање на церемонијата за доделување дипломи на студентите дипломирани од Воените школи при Универзитетот за национална одбрана, организирана во турскиот град Истанбул.
„Немаме намера да се откажеме ниту од членството во НАТО, ниту пак од нашите сојузници“, истакна Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на безбедносната зона што ќе се формира јужно од Турција.
„Немаме многу време и трпение во врска со безбедносната зона што ќе се формира по должината на сите наши граници во источниот дел на Еуфрат“, рече тој, и додаде:
„Доколку нашите војници за неколку недели не го контролираат регионот, тогаш ќе го активираме нашиот план за операција“.
Ердоган говореше и за сепаратистичката терористичка организација ПКК, и нагласи: „Тоа што сепаратистичката терористичка организација, која ја поразивме, ги продолжува нејзините активности, криејќи се зад една земја која е наш сојузник, денес ни се појавува како посебен проблем“.
Според него, веќе е јасна суровоста на оваа терористичка организација врз локалното население, кое живее источно од Еуфрат.
„Веќе не може да се крие суровоста на терористичката организација врз локалното население во источниот дел на Еуфрат“, истакна Ердоган.