Турција

Турската разузнавачка служба објави архивски документ за британскиот агент „Лоренс од Арабија“

Документот, објавен на официјалната интернет-страница на МИТ, содржи фотографија на Лоренс во воена униформа, како и разузнавачки проценки за неговите движења и активности на Блискиот Исток

Seyit Şamil Kurt  | 06.01.2026 - Обновена : 07.01.2026
 Турската разузнавачка служба објави архивски документ за британскиот агент „Лоренс од Арабија“

ИСТАНБУЛ (AA) – Националната разузнавачка организација на Турција (МИТ) денес објави архивски разузнавачки документ поврзан со британскиот офицер и разузнавачки агент Томас Едвард Лоренс, попознат како „Лоренс од Арабија“, јавува Анадолу.

Документот, објавен на официјалната интернет-страница на МИТ, содржи фотографија на Лоренс во воена униформа, како и разузнавачки проценки за неговите движења и активности на Блискиот Исток.

Според МИТ, Лоренс патувал низ Египет, Сирија и Ирак користејќи различни псевдоними и маски. Во документот се наведува дека престојувал во Египет под лажно име, по што се упатил кон Сирија и Ирак, а подоцна бил забележан во Ерусалим, од каде што се преселил во Картум, Судан.

Во документот се тврди дека за време на неговиот престој во Ерусалим, Лоренс понекогаш се претставувал како муслимански верски учител, а во други случаи како еврејски рабин, при што одржувал одделни средби со муслиманската и еврејската заедница. Според документот, тој се обидувал да влијае врз локалното население преку пораки опишани како провокативни.

Текстот, исто така, содржи проценки на разузнавачки службеници од османлискиот период во врска со британските политики во Египет, Палестина и Судан, при што се изнесуваат наводи за обиди за поттикнување немири и влијание врз политичките процеси во регионот.

Документот кој датира од 23 септември 1929 година е додаден во делот „Документи“ во рамки на „Приватната колекција“ на веб-страницата на МИТ.

Од МИТ соопштија дека објавувањето на документот е дел од напорите на агенцијата за јавно објавување на одбрани историски разузнавачки материјали преку своите дигитални архиви.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.