Gökhan Ergöçün
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ („Turkish Airlines“) денес објави дека нето-профитот на компанијата се зголеми за 533 отсто во 2018 година, во споредба со износот за 2017 година.
„Нето-добивката на авиокомпанијата минатата година достигна 4,04 милијарди турски лири (753 милиони долари), што претставува раст во споредба со остварената добивка од 639 милиони лири (223 милиони долари) во 2017 година“, се вели во соопштението на авиопревозникот.
Оперативната добивка на авиопревозникот на годишно ниво во 2018 година исто така се зголеми за 73,5 отсто на 6,2 милијарди лири (1,4 милијарди долари).
Годишниот приход на компанијата во 2018 година изнесуваше 62,85 милијарди лири (12,85 милијарди долари), што е зголемување од 39,8 милијарди лири (10,95 милијарди долари) претходната година.
До крајот на минатата година, вкупната вредност на „Туркиш ерлајнс“ изнесуваше 109,1 милијарда лири (20,7 милијарди долари), додека нејзината вкупна актива до крајот на 2017 година изнесуваше 68,6 милијарди лири (18,2 милијарди долари).
Државниот фонд на Турција има 49,12 проценти учество во авиокомпанијата.
Финансискиот извештај, исто така, ги опфаќа 15-те подружници и придружните фирми со заеднички капитал.
„Туркиш ерлајнс“, основана во 1933 година, лета на 306 дестинации во 124 земји со својата флота од 337 авиони, вклучувајќи патнички и товарни авиони.
Минатата година компанијата превезе 75,2 милиони патници со стапка на искористеност на седиштата од 82 проценти.