Nilay Kar
20 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган остро ги критикуваше властите на Соединетите Американски Држави (САД) и ги обвини дека преку соработката со терористичките организации во Сирија се обиделе да ја измамат Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, кој воедно е и претседател на владејачката Партија за правда и развој (AK Parti), денес имаше обраќање во клубот на пратеници на таа политичка опција во Анкара, и притоа им порача на САД дека мора да ја почитуваат Турција ако сакаат да бидат нејзин стратешки партнер.
„Турција од САД бараше да купи оружје со пари, но тие не ни го продадоа. Наместо тоа, бесплатно на терористите во Сирија им доставија 5.000 камиони полни со оружје и муниција“, изјави Ердоган.
Укажувајќи на успешната операција на турските сили и ослободувањето на сирискиот град Африн од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ, Ердоган укажа дека турските сили сега во рововите и бункерите го запленуваат сето оружје кое САД им го доставија на терористите кои избегаа пред налетот на турските сили.
Ердоган остро реагираше и на синоќешната изјава на портпаролката на Стејт департментот која изјави дека САД се загрижени поради ситуацијата во Африн.
„Каде бевте кога ви укажувавме за загриженост. Каде бевте кога ве викавме заедно да ги расчистиме терористите во тој регион. Рековте дека во борбата против терористите на ДЕАШ ќе соработувате со терористичките организации. Не ни верувавте кога ви кажавме дека тоа е грешка и дека таа борба треба да ја водиме заедно. Ете, повелете, сега можете да видете како турската војска ги среди тие терористи на ПЈД и ЈПГ“, порача Ердоган.
Турскиот претседател исто така изјави дека операцијата „Маслинова гранка“ која започна со цел неутрализирање на терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ во северниот дел на Сирија продолжува, и дека досега се неутрализирани вкупно 3.655 терористи.
Турција и САД имаат низа отворени прашања, вклучувајќи и несогласувања во ставовите за групата ПЈД/ЈПГ во Сирија за која Турција предупредува дека е сириски огранок на терористичката организација ПКК, додека САД ја третираат како партнер во борбата против терористите на ДЕАШ.
Ширејќи ја својата окупација од Африн кон запад и од Тел Абјад и Хасека кон исток, терористичката организација ПЈД/ПКК протера стотици илјади Арапи, Курди, Асирци и Туркмени, со цел воспоставување трајна окупација во северниот пограничен појас на Сирија.
Африн е подрачје во крајниот северозападен дел на Сирија и со источниот дел граничи со територијата која турските сили и Слободната војска на Сирија ја ослободија за време на седуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“, која заврши во март минатата година.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во средината на 2012 година без борба ја предадоа контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК.