Ilkay Guder
17 Февруари 2016•Ажурирај: 17 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, повторно го критикуваше ставот на американската администрација што за „доверлив партнер” ја смета ПЈД која е сириски огранок на терористичката организација ПКК и додаде дека сите оние кои сакаат да го искушаат трпението на Турција, треба да знаат дека тоа е веќе при крај, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нема добри и лоши терористи. Врската помеѓу ПЈД и ПКК е иста како онаа помеѓу Ал Нусра и Ал Каеда”, рече денес Ердоган при обраќањето на челниците на локалната власт во Турција.
Истакнувајќи дека Република Турција денес го претставува гласот на совеста на глобално ниво, разликувајќи ги злосторниците од угнетените, првиот човек на Турција, Ердоган, рече дека Турција на целиот свет му одржа лекција со тоа што е, и покрај сите завери, им пружи рака на сите загрозени Сиријци, без разлика на нивната верска или етничка припадност.
Нагласувајќи дека Турција на својата јужна граница нема да дозволи воспоставување на терористичка база, Ердоган рече дека Турција го нема тој луксуз оддалеку да ја набљудува сепаратистичката политика на сириското крило на ПКК и додаде дека Турција со иста претпазливост и внимание гледа на сите внатрешни закани за целосноста на земјата и безбедноста на граѓаните, како и на случувањата од другата страна на границата.
Потсетувајќи дека САД никогаш не се согласи со турското барање во северниот сириски појас да се прогласи зона за забрана на летови, Ердоган рече дека десетици илјади невини луѓе страдаат во руските воздушни напади во Сирија.
„Каде е сега (формулацијата) дека ние сме коалициони сили и дека заедно ќе делуваме како коалициони партнери. Гледате, сега некои стануваат и ја повикуваат Турција да прекине со гранатирање на позициите на ПЈД и ЈПГ. Не ми замерувајте, но ние такво нешто не помислуваме да сториме. Кога некој ќе стане и врз Турција ќе фрли една граната или ќе истрела куршум, ќе добие многу посилен одговор на тоа. Свесни сме дека ова е прашање на нашиот опстанок, а за нив само тактика или само операционален пристап. Ние никогаш не можеме да се откажеме од нашиот опстанок, но тие лесно ги менуваат тактиките. Доколку некој од нив има намера да ја тестира трпеливоста на Турција, нека биде убеден дека таа е при крај”, порача Ердоган.
Остро критикувајќи го Западот дека „грубо, сурово и несовесно” се однесува кон сириската криза, Ердоган рече дека бранот насилства во таа земја не може да се стави под контрола и дека итно мора да се пронајде трајно решение за кризата.
„Неопходно е итно да се пронајде консензус за прашањето за решавање на сириското прашање. Ако не се започне брзо со решавање на проблемот, тој, како топка снег која се претвора во лавина, ќе се прошири низ целиот свет и ќе ја отвори вратата за уште поголеми проблеми”, рече Ердоган.