АНКАРА (АА) - Парламентарната група на пријателство меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) во Големото народно собрание на Република Турција (TBMM) објави соопштение во врска со писмото кое групата американски сенатори го упатија на претседателот на САД, Џо Бајден, а во кое неосновано за цел на критики е земена внатрешната и надворешната политика на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Своевидниот одговор на писмото на американските сенатори го потпишаа 87 турски парламентарци кои наведоа дека биле изненадени што во пријателските и сојузнички кругови и понатаму постојат политичари кои сѐ уште не разбрале дека Република Турција е модерна, правна и демократска земја која од своето основање ја почитува волјата на народот и не прави разлика меѓу граѓаните врз основа на нивната етничка, расна или која било друга припадност.
„Неодговорните наводи на сенаторите потписници на писмото во врска со внатрешната и надворешната политика на нашата земја, во никој случај не се во согласност со стратешкото сојузништво на нашата земја со САД под покровителство на НАТО. Многу е контрадикторно, оние кои ги прогласуваат за терористи демонстрантите кои влегоа во американскиот Конгрес, и понатаму под плаштот на т.н. заштитници на човековите права да се обидуваат како невини да ги претстават терористите на ФЕТО кои на 15 јули 2016 година извршија обид за воен удар во Турција, со воени авиони го бомбардираа турскиот Парламент, со тенкови ги убиваа нашите граѓани и против кои постојат голем број правосилни судски пресуди“, се истакнува во соопштението
Во текстот понатаму се наведува дека поддржувањето на клеветите и лагите на терористичката организација ФЕТО од страна на сенаторите потписници претставува лицемерен став кој ја доведува во сомнеж искреноста на изјавите на американските официјални претставници со кои се негира каква било поврзаност со обидот за пуч во Турција.
Повикувајќи ја групата сенатори кои го потпишаа спорното писмо на разумно и рационално однесување, турските парламентарци во соопштението понатаму наведоа дека Турција од сојузниците и сите одговорни политичари очекува поддршка, а не критика во борбата против терористите на ФЕТО и сите други терористички организации кои се обидуваат да ја загрозат Турција.
Турција очекува од сојузниците да го покажат партнерството во борбата против терористите на ДЕАШ и во борбата против терористичката организација ПКК која е одговорна за смртта на 40.000 луѓе во Турција, како и против нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Парламентарците на Турција исто така изразија запрепастеност од тоа што американските сенатори во писмото го критикуваа Азербејџан кој ја бранеше својата целост и Турција која ја поддржа таа оправдана борба, а не ја критикуваа Ерменија која подолго од три децении го окупира азербејџанскиот регион Нагорно Карабах, а што е потврдено со четирите резолуции на ОН.
Во текстот пратениците на турскиот Парламент понатаму порачаа дека на оние кои сакаат на Турција да ѝ држат лекции за почитување на човековите права, би им било подобро да се занимаваат со решавање на тие проблеми во сопствениот двор.
„Со оглед на предизвиците со кои се соочуваме, важно е нашите две држави, уживајќи во сојузништво и пријателство врз основа на заедничките политички вредности, да дејствуваат со меѓусебно почитување и искрен дијалог“, порачаа турските парламентарци.
Паралелно со тоа, претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, вчера порача дека писмото на американските сенатори може само да ги загрози односите меѓу Турција и САД и дека не може да донесе никаква корист.