Cüneyt Karadağ
13 Август 2016•Ажурирај: 14 Август 2016
БЕРЛИН (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека има намера да се отвори коридор преку кој ќе се доставува хуманитарна помош за сирискиот град Алепо и дека верува оти проблемот ќе биде решен со поддршка на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во интервју за германскиот канал РТЛ зборуваше за неговата неодамнешна посета на Русија, за обидот за државен удар на воените лица лојални на терористичката ФЕТО, за односите со Европската Унија (ЕУ), безвизниот режим, но, исто така, и за германското судство.
Турскиот претседател кој потсети дека неговата делегација за време на посетата на Русија била составена од многу турски министри, рече дека со таа земја е започнат нов период во областа на политиката, економијата, културата и туризмот.
Покрај тоа, тој додаде дека следната година ќе се одржат средби со руските официјални лица, од кои една ќе биде во Русија, а другата во Турција.
Ердоган говореше и за проблемите со кои се соочува Турција на границата со Сирија, додавајќи дека НАТО неговата земја ја оставил сама. Покрај тоа, тој потсети дека Турција нема никаков проблем со НАТО.
„НАТО не требаше својата земја да ја остави сама. На границата со Сирија имаме сериозни проблеми. Бомби од Сирија убиваат наши луѓе. Ако не сега, кога НАТО ќе биде со нас? Алепо минува низ тежок период”, потсети Ердоган.
Тој додаде дека на средбата со рускиот претседател Владимир Путин се разговарало и за ситуацијата во Алепо, каде што ја нагласил потребата од заштита на луѓето од тоа подрачје.
„Ќе има коридори за доставување хуманитарна помош. Верувам дека со поддршка на Русија ќе го решиме овој проблем”, истакна турскиот претседател.
Ердоган говорејќи за членството на Турција во ЕУ рече дека земјата чека 53 години на вратата на Унијата, да стане нејзина членка.
Претседателот на Република Турција се осврна и на одлуката на германскиот Уставен суд, со којашто не му беше дозволено да се обрати на митингот против државниот удар што се одржа пред две недели во Келн, Германија.
Тој нагласи дека судот не дозволил обраќање на еден претседател кој на изборите освоил 52 проценти од гласовите.
„За тоа зборував и со канцеларката Меркел. Таа рече дека "тоа е независно судство". Какво е тоа независно судство? Она што го нарекувате независно судство треба да донесе праведна одлука”, рече Ердоган, кој ги коментираше и тврдењата на Амнести интернешнал (АИ) дека во Турција се спроведуваат мачења.
Турскиот претседател истакна дека наводите на таа организација се далеку од конкретното.
„Амнести интернешнл им верува на одредени вести од социјалните медиуми. Дали дошле тука и дали го посетиле Големото народно собрание на Турција? Дали ги чуле министрите за внатрешни работи и за правда? Нивните тврдења без да ги сослушаат за мене немаат никаква важност. АИ во своите тврдења е неточен и неискрен. Тоа е идеолошка организација, не е искрена организација. Ова јасно го кажувам”, истакна Ердоган.