ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека дал инструкции за изградба на 500 станбени единици во Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше свое обраќање на Конференцијата на високо ниво за инвестирање во јавниот и приватниот сектор организирана во Истанбул под покровителство на Канцеларијата за инвестиции при турското Претседателство, во соработка со Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Исламската банка за развој.
„Наша главна задача е да ги поделиме проблемите на нашите браќа, каде и да се наоѓаат тие низ светот“, рече Ердоган, потсетувајќи дека во земјотресот со јачина од 6,3 степени кој ја погоди Албанија, загинале 51 лице, додека над 1.000 лица биле повредени.
Турскиот претседател упати сочувство до блиските на загинатите во земјотресот, како и до албанскиот народ, а на повредените им посака брзо заздравување.
„Од денот кога се случи земјотресот, постојано бевме во контакт со мојот ценет пријател, премиерот Еди Рама. Нашите тимови од АФАД, Црвената полумесечина, Министерството за здравство, како и од невладините организации, постојано патуваат во Албанија и започнаа да работат на терен. На нашиот министер за животна средина и урбанизам му дадов инструкции за изградба на 500 станбени единици во Албанија, и со утврдување на соодветни зони ќе ги изградиме овие 500 станбени единици“, нагласи Ердоган.
Тој нагласи дека 50-те земји членки на ОИС заедно ќе соработуваат за помагање на Албанија, и додаде:
„Според мене, Исламската банка треба да го направи најважниот чекор. Ние како Турција го направивме овој чекор. Тоа не го сметаме за доволно, ќе работиме. Исто така, почитуваниот премиер [Еди Рама] испрати писма до голем број земји. Се надеваме дека од нив ќе дојдат одговори.“
Ердоган истакна дека земјотресот е една од најголемите катастрофи кои го погодуваат човештвото.
„За нас е хуманитарна должност да застанеме до албанскиот народ во оваа тешка состојба. Од вас барам со сите можности кои ги поседуваме да дадеме помош за закрепнување на раните на братската земја Албанија“, рече Ердоган, барајќи и од приватниот сектор да ѝ помага на Албанија.