Gökhan Yıldız
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Извршниот директор на Унијата на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК), Мартин Ванслибен за Аnadolu Аgency (AA) истакна дека најголемите компании што инвестираат во Турција се германски компании. Според него, тоа укажува колку се добри турско-германските односи, и колку е голема довербата кон турскиот народ и кон Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во Турција има 6.000 германски компании коишто се членки на ДИХК. Турција и Германија имаат блиски односи. Јас пораснав во Келн и многумина од моите соседи беа Турци“, рече Ванслибен, истакнувајќи дека во Германија има над 3 милиони компании – членки на ДИХК, и дека 79 комори за трговија и индустрија се поврзани со ДИХК.
Ванслибен истакна дека им се познати проблемите со кои се соочува Турција во последно време. „Европа, Германија, како и другите земји се соочуваат со тешкотии. Агенциите за кредитен рејтинг ѝ дадоа краткорочен кредитен рејтинг на Турција. Но германските компании имаат долгорочни перспективи во Турција. Ние ги знаеме проблемите со кои се соочи Турција, како и ветувањата што ѝ беа дадени“, рече тој.
- „Веруваме во моќната иднина на Турција“
Мартин Ванслибен истакна дека германските компании прават долгорочни инвестиции во Турција бидејќи тие веруваат во моќната иднина на Турција, како и во потенцијалот што Турција го обезбедува.
И покрај одлуката на меѓународните агенции за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ и „Мудис“, Ванслибен истакна дека германските компании во Турција веруваат во долгорочни инвестиции во оваа земја.
„Некои инвестиции се одложија за подобри времиња. Младата популација е најголемата предност на Турција. Ова исто така е голема предност и за економијата, бидејќи младата популација создава работна сила и клиенти. Развиената економија и развиеното општество се голема предност за луѓето инвеститори и за компаниите. Имаме соработка со Унијата за комори и стокови берзи на Турција (ТОББ). Веќе 10 години се знаеме едни со други како институции и како индивидуи. Имаме блиска соработка со ТОББ. Сакаме Турците и Германците меѓусебно да соработуваат во бизнисот“, истакна Мартин Ванслибен.
Ванслибен соопшти дека на германските компании им го претставуваат потенцијалот на Турција и нејзината регионална моќ.
Тој истакна дека мисијата на ДИХК е да ги поврзе германските компании со младата и квалификувана турска популација, и додаде: „Одлична работа е поддршката на новите компании од страна на турската Влада“.
Ванслибен објасни дека ја посетил Турција три дена по обидот за државен удар од 15 јули. „Многумина ми кажаа: 'Не оди во Турција, сега е опасно'. Но јас им одговорив: 'Всушност, сега е потребно да се оди', за да го изразам своето пријатество и поддршката кон турскиот народ“, истакна Ванслибен.