Ekipa
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ДОХА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека односите меѓу неговата земја и Катар во последните неколку години се развиваат брзо и дека постои меѓусебна доверба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган за време на посетата на Катар, кој е последната станица на неговата повеќедневна посета на Персискиот Залив, за весникот „Eл-Араб“ зборуваше во врска со ставот на Западот кога станува збор за минатогодишниот обид за државен удар во Турција, сириската криза и за односите со Египет и со Катар.
„Турско-катарските односи во последните неколку години се развиваат брзо во секој поглед. Постојат цврсти односи, кои се потпираат на историските врски. Си веруваме едни на други и двете земји покажуваат цврста политичка волја односите да ги доведат на повисоко ниво“, појасни Ердоган.
Тој потсети и на посетата на емирот на Катар, Тамим бин Хамад aл-Тани во Турција, во 2004 година, и на основањето на Високиот комитет за стратегија.
Според него, од тој ден до денес се направени значајни промени.
„На првите два состанока одржани во Доха и во Трабзон, потпишавме 30 договори. Тоа се сериозни чекори“, појасни Ердоган.
Тој додаде дека блиската соработка меѓу Турција и Катар е важна за иднината на регионот.
Турскиот претседател е уверен дека состанокот на Комитетот, кој оваа година треба да се одржи во Доха, ќе биде корисен за двете земји.
Освен тоа, Ердоган истакна дека Турција не може да ја заборави поддршката на Катар што ја добила за време на државниот удар што воените лица лојални на терористичката организација ФЕТО се обидоа да го извршат минатата година и додаде дека Катар тогаш се покажал како пријател во тешки времиња.
Тој истакна дека забележува оти е можна соработка меѓу двете земји во воениот сектор, во кој се преземени одредени чекори.
Претседателот на Турција нагласи и дека Турција и Катар го поддржуваат регионалниот мир.
„Сакаме да биде запрен тероризмот и секој облик на безбедносна закана. Ги повикувам братските земји да ја развиеме оваа соработка и заедно да се бориме против тероризмот и против безбедносните закани“, изјави Ердоган.
Запрашан да го прокоментира ставот на западните земји кога станува збор за обидот за државен удар во Турција минатата година, Ердоган изјави дека Западот, за жал, не го положил испитот кога станува збор за обидот за државен удар во Турција.
„Тоа треба да се прифати. Ние бевме на страна на демократијата. Нашиот народ ја заштити демократијата и слободата. Оние врз кои е пукано, кои се газени со тенкови, кои беа цел на нападите на авионите и хеликоптерите, беа цивили. Западот тоа не го виде, ниту сакаше да го види“, изјави Ердоган.
Запрашан за сириската криза, Ердоган истакна дека Русија во Сирија, од септември 2015 година е воено присутна, дека Иран има влијание на шиитската милиција којашто го поддржува режимот, а дека Турција дели долга граница со таа земја и примила три милиони сириски бегалци.
„Поради тоа што во Сирија се предвидува повеќестрано решение, овие земји имаат важна улога. Мирот е од животна важност за Сиријците, а потоа и за интересите на трите земји. Примирјето во Алепо и преговорите во Астана се несомнено значајни чекори. Се појави светлина на крајот од тунелот. Треба да ја засилиме таа светлина и да излеземе од тунелот, хаосот“, смета Ердоган, кој додаде дека поради тоа се важни престојните преговори во Женева.
Ердоган истакна дека верува оти администрацијата на новиот американски претседател Донад Трамп и Саудиска Арабија, Катар и другите земји во регионот можат значајно да придонесат за решавање на сириската криза.