Yunus Kaymaz
30 Мај 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Челзи е новиот првак во УЕФА Лига Европа по победата од 4:1 над Арсенал, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Баку, главниот град на Азербејџан, синоќа се одигра финалето на УЕФА Лига Европа, второто по големина европско клупско натпреварување во фудбал. Во финалето на Лига Европа се сретнаа два лондонски клуба, Челзи и Арсенал.
Првото полувреме од натпреварот заврши без погодоци, 0:0.
Во самиот почеток од второто полувреме, во 49. минута од натпреварот Челзи поведе со 1:0, со погодокот што го постигна францускиот интернационалец Оливие Жиру по подавањето од Емерсон.
Во 60. минута од натпреварот, Азар во шеснаестерецот му прати топка на Педро кој постигна погодок за водство на Челзи од 2:0.
Во 64. минута од натпреварот, Жиру беше соборен во шеснаестерецот од Ејнсли Мејтланд-Најлс, по што судијата Џанлука Роки досуди пенал. Една минута подоцна, ударот од белата точка го изведе Азар, кој, постигнувајќи погодок, го зголеми водството на Челзи на 3:1.
Во следните минути следуваа напади на Арсенал и во 69. минута од натпреварот, нововлезениот Алекс Ивоби со извонреден удар од работ на шеснаестерецот го намали резултатот на 3:1.
Но радоста и надежта на Арсенал кратко траеја, бидејќи веќе во 72. минута, Азар на подавање од Жиру постигна погодок и водство на Челзи од 4:1. Иако во продолжението на средбата Арсенал имаше голем број можности, топџиите не успеаја да постигнат погодок, а ниту Челзи не го казни тоа. Резултатот остана непроменет до крајот на средбата, и Челзи, со победата од 4:1 стана новиот шампион на УЕФА Лига Европа.
- Последен натпревар на Чех -
Петр Чех, 37-годишниот голман на Арсенал, го одигра својот последен натпревар во кариерата и стави крај на својата професионална фудбалска кариера.
Чех, кој во периодот 2004 - 2015 ги бранеше боите на Челзи, од 2015 досега го носеше дресот на Арсенал. Во својата кариера ја почувствува радоста во освојувањето на 4 титули шампион во Премиер лигата, 5 купа на Федерацијата, 3 лига купа, и една титула УЕФА Лига на шампионите.
- Втора титула за Челзи -
Синоќешниот натпревар во Баку беше 9. финале за Челзи во еврокуповите, а втора титула во УЕФА Лига Европа.
Својата прва титула во УЕФА Лига Европа Челзи ја освои во 2013 година, кога во финалето ја совлада Бенфика со резултат 2:1.
Арсенал во 2000 година играше во финалето на тогашниот УЕФА Куп против Галатасарај. Натпреварот во регуларниот дел заврши со 0:0, а по изведувањето на ударите од белата точка, Галатасарај беше поуспешен и со 4:1, идентичен резултат на оној од синоќа, стигна до шампионската титула.
- Унаи Емери овој пат не успеа -
Шпанскиот фудбалски тренер Унаи Емери, заедно со италијанскиот тренер Џовани Трапатони се двајата фудбалски менаџери кои имаат освоено најголем број титули во второто по важност фудбалско клупско натпреварување во Европа, но овој пат тоа не му појде од рака во финалето против Челзи.
Емери, додека беше на кормилото на Севилја трипати едоподруго го освои купот на УЕФА Лига Европа во сезоните 2013/14, 2014/15 и 2015/16. Ова е првпат Емери да загуби во финалето на Лига Европа.