Dejan Maksimoviç
30 Мај 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
БАКУ (АА) - Маурицио Сари, италијанскиот тренер на клупата на Челзи, синоќа во финалето на Лига Европа стигна до првиот трофеј во својата кариера како тренер. Неговите играчи одиграа феноменален натпревар и со 4:1 го совладаа лондонскиот ривал Арсенал, по што Сари изјави дека заслужува да остане менаџер на Челзи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сари од доаѓањето на клупата на „сините“ во јули минатата година е под огромен притисок на британската јавност. Покрај тоа, во последно време неговото име сѐ почесто се доведува во врска со Јувентус, кој бара наследник за Масимилијано Алегри.
Освен освоениот пехар во Лига Европа, Сари оваа сезона го донесе Челзи и до финалето на ФА Купот и до третото место во Премиер лигата на Англија.
„Морам да разговарам со раководството, за да знам што можам да направам за Челзи, но и за тоа што Челзи може да направи за мене. Ја сакам Премиер лигата и среќен сум што сум во Челзи, но на крајот на секоја сезона мора да разговарате. Мислам дека заслужив да останам на клупата на Челзи, но моето мислење не е доволно“, рече Сари.
За шпекулациите дека веќе договорил соработка со Јувентус, 60-годишниот италијански тренер само накусо изјави дека има уште две години од договорот со „сините“.
Сари во текот на кариерата главно водеше италијански клубови од пониските лиги, за по влегувањето на Емполи во Серијата А, во 2015 година, добие договор во Наполи. По три години го напушти Наполи и го презеде Челзи со кој синоќа го освои првиот трофеј како тренер.