Oktaj Omeragikj
01 Декември 2022•Ажурирај: 03 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - На Светското фудбалско првенство Катар 2022 се одиграа последните натпревари и во групите Ц и Д, известува Агенција Анадолија (АА).
Двата натпревари во групата Д се играа во 16:00, додека средбите од групата Ц започнаа во 20:00 часот.
Првиот натпревар од групата Д беше дуел меѓу селекциите на Тунис и Франција. Првото полувреме заврши без да бидат затресени мрежите на голманите и на полувреме се замина со резултат 0:0. Во второто полувреме Тунис успеа да поведе со 1:0 благодарение на голот на Ваби Казри во 58. минута. По примениот гол тренерот на Франција за 15 минути смени пет играчи во обид да смени нешто во играта на своите избраници. Франција, иако имаше шанси, не успеваше да ја затресе противничката мрежа. Во судиското продолжение 90+10, Антоан Грижман кој влезе на теренот во 73. минута, успеа да постигне гол, но по прегледувањето на снимката на ВАР-системот, главниот судија го поништи погодокот. На тој начин Тунис ја совлада Франција, но не обезбеди пласман во осминафиналето на СП Катар 2022.
Во втората средба од групата Д се сретнаа репрезентациите на Австралија и Данска. Двете селекции во првиот дел од натпреварот беа неефикасни и на полувреме се замина со резултат 0:0. Во второто полувреме Австралија во 60. минута успеа да постигне погодок и водство од 1:0 преку Метју Леки. Со овој резултат кој за Австралија донесе значајна победа над Данска, заврши натпреварот.
И покрај поразот, Франција остана на врвот од табелата во групата Д со 6 бода, исто колку што има и Австралија на второто место, но со полоша од гол разлика. Третопласиран е Тунис со 4 бода, а Данска се најде на четвртата позиција со 1 бод.

На средбите што започнаа во 20:00 часот се сретнаа Полска - Аргентина и Саудиска Арабија - Мексико.
Резултатот од дуелот меѓу Полска и Аргентина беше многу важен и за двете селекции. Аргентина беше принудена да победи за пласман во осминафиналето на СП 2022, додека на Полска ѝ одговараше и нерешен резултат или пораз, но не со висок, гол разлика. Аргентина уште од самиот почеток почна да прави притисок на голот на Полска, но без успех, бидејќи одбраната успеа да им одолее на нападите. Во 36. минута по центаршут во шеснаесетникот на Полска голманот Војчех Шчесни се обиде да ја боксира топката, но со телото го собори аргентинскиот фудбалер Алварез. Потоа судијата беше повикан да ја прегледа снимката на ВАР-системот, по што досуди пенал за Аргентина.
Ударот од белата точка го изведе Лионел Меси, но полскиот голман Шчесни успеа да ја сочува својата мрежа. Аргентина продолжи да атакува, но на полувреме се замина со резултат 0:0.
Во второто полувреме Аргентина уште во самиот почеток, во 46. минута постигна гол за водство на Аргентина од 1:0. Стрелец на голот беше Алексис Мак Алистер.
Аргентина продолжи да доминира на теренот, а Полска повремено се обидуваше да го изненади противникот. Сепак, упорноста на Аргентина вроди со плод. Во 67. минута Аргентина поведе со 2:0 со голот што го постигна Хулијан Алварез. Аргентина продолжи да притиска на голот на Полска, но до крајот на натпреварот резултатот остана непроменет и Аргентина ја извојува посакуваната победа.
Истовремено се играше и средбата Саудиска Арабија - Мексико. На Мексико му беше потребна победа од повеќе голови разлика за обезбедување сигурен пласман во наредната фаза на СП Катар 2022. И покрај сите напори на двете селекции, во првиот дел на средбата, ниту Мексико, ниту Саудиска Арабија не успеаја да ја затресат противничката мрежа и на полувреме се замина со резултат 0:0. Веќе во самиот почеток, во 47. минута Хенри Мартин ја затресе мрежата на Тунис и му донесе предност на Мексико од 1:0. Мексико продолжи со нападите на противничкиот гол и само 5 минути подоцна, во 52. минута имаше предност од 2:0. Со желба да дојде до повисока победа, мексиканската селекција премина во целосна офанзива на противничкиот гол, но наместо погодок во противничката мрежа, Саудиска Арабија постигна гол во судиското продолжение 90+5 и го намали резултатот на 2:1, уривајќи ги сите соништа на Мексико за пласман во наредната фаза на СП 2022.
По овие средби Аргентина се најде на првото место во групата со 6 бода. Второпласирана е селекцијата на Полска, која има ист број бодови со Мексико, но подобра разлика со еден гол, така што Мексико е третопласирано, а Саудиска Арабија, и покрај изненадувањето и победата над Аргентина во првото коло, не го издржа притисокот и се најде на четвртото место со 3 бода.
По одигрувањето на средбите од последното коло во групите Ц и Д, во осминафиналето на СП Катар 2022 пласман изборија Франција, Аргентина, Полска и Австралија. Во осминафиналето се среќаваат Франција - Полска и Аргентина - Австралија.
Дуелот Аргентина - Австралија ќе се одигра на 3 декември со почеток во 20:00 часот, додека средбата Франција - Полска се игра на 4 декември со почеток во 16:00 часот.
Денеска на програмата се средбите од последното коло во групите Е и Ф. Се среќаваат:
16:00 Хрватска - Белгија
16:00 Канада - Мароко
20:00 Јапонија - Шпанија
20:00 Костарика - Германија
Нѐ очекуваат многу неизвесни натпревари, бидејќи речиси секоја репрезентација, освен Канада, може да се пласира во осминафиналето на СП Катар 2022.