РИМ (АА) - БАРИШ СЕЧКИН -
Пехарите кои се даваат на церемонијата за победникот на Светското фудбалско првенство на ФИФА, највисоката фудбалска организација на ниво на репрезентации, како и неговите копии, се произведуваат во Италија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Светското првенство, кое ФИФА го организира на секои четири години од 1930 година, освен во периодот на Втората светска војна, и кое успеа да го привлече вниманието на широките маси, годинава се организира по 22. пат, а негов домаќин е Катар.
Досега се направени два различни дизајни на пехари кои се доделени на победничките репрезентации на 21. Првенство. На првото Светско првенство одржано во Уругвај во 1930 година, е доделен пехар дизајниран од францускиот скулптор Абел Лафлер, кој ја прикажува античката божица на победата, Ника. Овој дизајн се користеше околу 40 години.

Пехарот првично беше познат по името „Победа“, а потоа и по името на поранешниот претседател на ФИФА, Жулс Риме, додека на Светското првенство во Мексико во 1970 година отиде во музејот на Бразил, откако претставникот на јужноамериканскиот континент го освои по третпат, исполнувајќи го старото правило „Победникот на три првенства засекогаш е сопственик на пехарот“.
По Светското првенство во 1970 година, ФИФА организира меѓународен натпревар за новиот дизајн на пехарот, на кој учествуваа 52 дизајни.
Уникатниот дизајн на италијанскиот скулптор Силвио Газанига, уметничкиот директор на италијанската фирма ГДЕ „Бертони“, компанија која во своето портфолио има трофеи на големи меѓународни сезонски организации како УЕФА Лига на шампиони, УЕФА Лига Европа, УЕФА Суперкуп и медали од различни настани, победи на конкурсот за нов дизајн на пехарот.
Пехарот, дизајниран од Газанига и кој се состои од два ангела на победата со кренати раце кои го држат глобусот, и понатаму е највисоката награда на овој важен настан кој во исто време држи милиони луѓе пред екраните.

Пехарот со уникатниот дизајн на Газанига се произведува во фабрика во Падерно Дуњано во близина на италијанскиот индустриски град Милано.
- Тежок 6,2 килограми, изработен од 18-каратно злато -
Компанијата ГДЕ „Бертони“ ги отвори вратите на својата фабрика за Агенција Анадолија (АА). Извршната директорка на компанијата, Валентина Лоса, во изјава за АА говореше за карактеристиките на овој важен пехар.
Лоса истакна дека должината на пехарот на Светското првенство е 38 сантиметри и тежи 6,2 килограми, а е изработен од 18-каратно злато.
Според неа, овој дизајн првпат се појавил во 1973 година, а бил претставен во 1974 година на Првенството чиј домаќин беше Германија.

Говорејќи за историјата на Светското првенство на ФИФА, Лоса рече:
„Овој пехар е дело изработено заеднички од страна на тогашниот уметнички директор Силвио Газанига и сопственикот на компанијата „Бертони“, исто така, мојот дедо Еугенио Лоса. Првично, тој беше дизајниран врз основа на тоа што двајца голмани ја креваа фудбалската топка. По разни дискусии, беше одлучено да се заменат голманите со два ангела на победата. Тогаш, наместо фудбалската топка беше поставен глобусот. Ова беше новиот пехар на Светското првенство, што значи тоа беше конечниот дизајн испратен до ФИФА.“
Таа истакна дека пехарот е единственото оригинално дело претставено во 1974 година кое останало во ФИФА.
„Оригиналниот пехар се испраќа да ѝ биде доделен на победничката екипа на церемонијата на крајот од финалниот натпревар, а потоа ни се враќа за да го изгравираме името на тимот. Потоа се враќа во ФИФА. Во меѓувреме, ако има некакви оштетувања или дамки на поправката на пехарот, победничкиот тим не го добива оригиналниот златен пехар, туку реплика од златномесингена легура на која е изгравирано неговото име“, изјави извршната директорка на производителот на пехари.

Валентина Лоса посочи дека пехарот сега е во Катар и е подготвен да ѝ биде доделен на победничката репрезентација. „Сега ја произведуваме репликата на пехарот за Светското првенство во 2026 година“, додаде таа.
Од 1974 година, кога првпат беше претставен овој дизајн на Газанига, до денес пехарот е подигнат во рацете на важни капитени како што се: Франц Бекенбауер (Западна Германија 1974), Даниел Пасарела (Аргентина 1978), Дино Зоф (Италија 1982), Диего Армандо Марадона (Аргентина 1986), Лотар Матаус (Германија 1990), Карлос Дунга (Бразил, 1994), Дидие Дешамп (Франција 1998), Кафу (Бразил 2002), Фабио Канаваро (Италија 2006), Икер Касиљас (Шпанија 2010), Филип Лам (Германија 2014) и Хуго Лорис (2018).
Најважниот пехар во фудбалот повторно ќе биде подигнат во рацете на капитенот како симбол на победата по финалето што ќе се одигра на Стадионот „Лусаил“ на 18 декември на Светското првенство во фудбал 2022, чиј домаќин е Катар.