12 Јуни 2022•Ажурирај: 13 Јуни 2022
БАКУ (АА) - Холандскиот возач во болидот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи на денешната трка во Формула 1 за Големата награда на Азербејџан, осмата трка од Светското првенство во Формула 1, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На патеката долга 6.003 метри која носи име по главниот град на Азербејџан, Баку, денеска се возеше трката на чиј крај најдобро време имаше Верстапен (1:34:05.941).
Втор беше совозачот на Верстапен од Ред Бул, Мексиканецот Серџо Перез, со заостанување од 20.823 секунди, додека третата позиција во Баку му припадна на британскиот возач во болидот на Мерцедес, Џорџ Расел, со заостанување од 45.995 секунди. Четвртата позиција му припадна на Луис Хамилтон исто така од тимот на Мерцедес.
Ова беше викенд кој тимот на Ферари дефинитивно ќе се обиде што побрзо да го заборави. Најпрвин Шпанецот Карлос Саинц беше принуден да се откаже во деветтиот круг поради дефект на сопирачките, а потоа на Шарл Леклер, кој прв стартуваше на денешната трка, му откажа моторот во 20. круг.
Следната и деветта трка од сезоната во Формула 1 ќе се вози од 19 јуни за Големата награда на Канада.